На денешната собраниска седница каде што на дневен ред е предлог законот за изменување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на Коридорот 8 и 10Д, збор имаше и пратеникот Мирче Аџиоски, кој што потенцираше дека изградбата на Коридорите 8 и 10Д се најголемиот, а воедно, и најскандалозен проект кој што некогаш се реализирале во Македонија.
Аџиоски истакна проектот е скандалозен по тоа што на сила, по скратена постапка злоупотребувајќи го европското знаменце, се туркаат измени на закони за негова реализација, а од друга страна, пратениците кои што треба да ги гласаат законските измени го немаат видено договор и не се запознаени со неговата содржина.
Додаде дека за Артан Груби, како координатор на проектот за коридорите, не важат ниту законите ниту уставот на Македонија, по што ова е единствен проект кој што меѓу другото, ќе се гради и без одобрение за градба.
„Ова е најголемиот проект, можеби, во Република Македонија, но од ова што се случува во Собранието, гледаме дека стана и најскандалозниот проект затоа што на сила се туркаат одредени закони, се руши уставниот поредок на Република Македонија, се со цел да се протурка овој проект, така како што не треба се протурка. Односно, да помине така како што не треба да помине без одобрение за градење, без почитување на законите и поради тоа се менуваат законите законите само онака како што им одговара на владата или на координаторот на овој проект, Артан Груби за кого што не важат ниту законите, ниту уставот“, рече Аџиоски.
Посочи дека овој проект започна од договорот кој го склучи оваа влада, кој што договор сеуште никој го нема видено, барем тие пратениците, и не ја има прочитано содржината да видиме што е договарано и зошто вака на сила треба да се носат овие измени на закони, зошто треба да се руши уставниот поредок и законите.
„Имавме една понуда од Артан Груби да ни го прераскаже тој договор, зо што мислам дека е понуда која што не треба ниту да се спомнува, па можеби и на антикорупциска му го има прераскажано, бидејќи излегоа со информација дека биле запознати. Договор за кој што се плати 1,2 милиони евра на тие што го договарале тој договор“, истакна Аџиоски.
Тој додаде дека и претходно имаше вакви договори и договарања, и претходно имаше изградба на автопатишта, но никогаш не било на ваков скандалозен начин како што се случува сега, тие договори кои што претходно се склучувале биле достапни во македонското Собрание, биле јавни и транспарентно објавени, за истите тие договори се дебатирало во ова Собрание и пратениците биле запознаени со нивната содржина.