АДКОМ-Здружение на даватели на комунални услуги кое обединува 90 јавни комунални претпријатија на територијата на целата држава ја известува јавноста дека и по повеќе од еден месец од јавниот апел за средба со владини претставници за состојбите со растечките трошоци на претпријатијата и потребата од владина помош, од владата нема никаков одговор за средба.
Од Здружението потсетуваат дека на 18 јули АДКОМ јавно побара средба со претставници на владата на кои ќе се разгледа можноста за субвенции и поддршка на претпријатијата кои имаат неколкукратен раст на трошоците предизвикан пред се поради енормниот раст на трошоците за електрична енергија.
-Со продолжување на оваа состојба во која се наоѓаат јавните комунални претпријатија се доведува во прашање квалитетот на услугите кои ги овзоможуваат за граѓаните, како и нормалното опстојување на самите претпријатија кои обезбедуваат работа за повеќе илјади семејства. Владата која учествува во формирањето на цената на струјата и која одобри зголемување на електричната енергија потребно е да покаже разбирање за овој реален проблем. Доколку не се изнајде одржливо решение и владата не помогне претпријатијата кои ги обединува АДКОМ, ќе мора да пристапат кон изготвување на ревизија на цените по кои моментално ги испорачуваат услугите. Уште еднаш апелираме на средба со владата на која ќе се дискутира за конкретна поддршка на јавниот сектор, се наведува во нивното соопштение.