Врховниот суд денеска на јавна седница ги разгледуваше 13 жалби за 15 осомничени за настаните од 27 април за промена на одлуката за притвор. Од 15 осомничени деветмина се наоѓаат во притвор, а шест во куќен притвор. Жалбите се поради одлуката на Апелациониот суд за продолжување на притворот.
Адвокатот на екс министерот за внатрешни работи Митко Чавков, пред петочлениот совет на судии истакна дека Чавков кривично се гони бидејќи не издал наредба за дополнително засилување на полициските сили на терен, иако постојано бил известува за ситуацијата.
Според Сашо Дуковски она за што обвинителството го гони Чавков не е доволно ниту за дисциплинска постапка, а уште помалку за кривично гонење.
Сашо Дуковски вели:
– „Вие постапувате во предмет во кој се сите обвинети и каде е тука индивидуализацијата. Вие по закон сте најпаметните судии, затоа и седите тука пред нас и треба да процените дали постои опасност од бегство”.
Во однос на можноста неговиот клиент да побегне, Дуковски коментираше дека Чавков со години работел во МВР и доколку сакал да побегне можел да најде начин за тоа пред да биде приведен.
Дополнително тој изрази загриженост за влошената здравствената состојба на Чавков и го потенцираше фактот дека тој има срцеви проблеми. Според бранителот на Чавков, Затворската управа воопшто не водела грижа за здравјето на неговиот клиент.
Тој потенцираше дека управата на Истражниот затвор во Шутка посакувала смрт на Чавков, бидејќи затворот немал услови и не водел грижа за неговата влошена здравствена состојба.
Судот има рок од 48 часа да донесе одлука во однос на жалбите на осомничените.