Со пролонгирано времетраење на рочиштето, а по завршувањето на работното време на судот одбраната смета дека се постапува на штета на обвинетата Јанкулоска во постапката со тоа што се врши повреда на нејзиното право на одбрана. Ова од причина што на обвинетата и се оневозможува правото на ефективна одбрана, а во насока на отсуство на разумно и доволно време за подготовка на соодветна одбрана, посочи денеска адвокатот на Гордана Јанкулоска, Боро Тасевски.
Членот 6 од Европската конвенција за човекови права упатува на минимални утврдени права на секој обвинет во постапката, помеѓу кои предвидено е и обезбедување на време и услови за подготвување на одбрана. Овој член не е апликабилен само на подготвувањето на одбраната во претходната постапка (фаза на истрага), туку истиот се однесува и на можноста одбраната да биде подготвена за било кое дејствие кое е предвидено да се преземе на главната расправа, особено во фаза на доказна постапка во предмети каде се предложени голем број на материјални докази и сведоци.
На ова се надоврзуваат и одредбите од чл. 359 од Законот за кривичната постапка кој упатува на текот на главната расправа, односно на фактот дека истата се одржува непрекинато и тече според редот што е определен во законот, а во случаите кога не е можно истата да е заврши на едно рочиште, претседателот (на советот) одлучува истата да продолжи следниот работен ден.