Откако министерката за финансии, Нина Ангеловска, во гостување во емисијата Само вистина на Канал 5 телевизија изјави дека со помошта на владата од 14.500 денари се опфатени и регистрираните нотари и адвокати како самостојни вршители на дејност, дел од адвокатските компании реагираат дека не добиле никаква помош од страна на власта.
-Тие што се регистрирани нотари и адвокати како самостојни вршители на дејност се опфатени со оваа мерка од 14.500 денари. Со тоа што тоа е посебна Уредба за истата мерка, меѓутоа бидејќи се по друг закон е уредба за самостојни вршители на дејност, и истата ќе биде продолжена за уште еден месец, вели Ангеловска.
Но, веднаш по изјавеното стигна реакција од страна на некои адвокатски компании каде што посочуваат дека до сега ниту една адвокатска компанија не добила никаква помош од страна на власта. Имено, новинарката Елизабета Галевска и се обрати на Ангеловска дали знае дел од адвокатските компании кои ја искористиле мерката.
-Има реакции од страна на адвокатски компании. Ќе може ли ако не сега, тогаш во текот на утрешниот ден јавно на Канал 5 да посочите која адвокатска компанија аплицирала и добила помош, бидејќи од оние кои што се јавуваат никој до сега не добил помош, вели Галевска.
На ова Ангеловска се бранеше дека не може со сигурност да тврди кои и колку адвокатски компании ја искористиле владината мерка, укажувајќи дека може да поднесат барање до МФ и УЈП и да добијат соодветен одговор.
-Јас не можам со сигурност да тврдам колку и кои адвокатски канцеларии аплицирале или искористиле, се работи за 20.000 компании, но ако имаат прашања и барања може да се обратат до Министерството за финансии и УЈП ќе погледнеме за што се работи и ќе дадеме соодветен одговор, рече таа.
Галевска посочи дека од она што го провериле од Канал 5 немало таква информација дека некој добил поддршка од владата.
-Добро, од она што е проверено во моментот од Канал 5 на тој сајт нема таква информација дека некој добил, рече Галевска.