Бандитизам и дилетантизам. Ова е првичната реакција на претседателот на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев на поднесеното законско решение со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни, а лустрираните лица ќе може да побараат надомест од државата.
Во изјава за КУРИР, Аџиев вели дека поништувањето на правосилни одлуки со закон не постои и тоа е противуставно. Ваквата одлука според него да не е трагична, ќе е хумористична.
-Си има закони и процедури како може да се направи нешто такво. Замислете, утре на некој да му текне да ги поништи сите кривични пресуди и да нема осудени лица. На што ќе личи тоа? Се прашувам кои луѓе ја водат оваа држава, имаат ли читано право? Па, јас на сите им ги знам имињата, втората и третата генерација на кодошите сега се вработени во институции, па и во погорните ешалони, а некои пружаат поддршка преку невладини организации. Трагедија е за Македонија да се размислува на овој начин. Затоа не не’ примаат во ЕУ, за вакви работи, криминалот цвета. Нека му е на чест на тој што го смислил ова, вели Аџиев во телефонската изјава за Курир.
Првиот човек на Комисијата за лустрација додава и дека за правната веродостојност на нивните одлуки потврдил и судот во Стразбур.
-Комисијата беше составена од 11 луѓе кои одлучуваа, тука беа и два суда. За нашата работа и донесените одлуки потврди и Судот во Стразбур кој за двата поднесени предмети ја потврди нашата одлука. Ова што се прави е само да се задоволат нечии апетити и барања, а всушност се руши целиот правен систем, додава Аџиев во изјавата за Курир.
Имено, Владата на вчерашната седница го усвои предложеното законско решение на Министерството за правда со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни.