Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Мирче Аџиоски, на седницата на Собранието на Република Македонија посочи дека и денес продолжува насилничкото однесување на оваа власт и дека разрешувањето на пратеникот Зендели од комисијата за избори и именувања го третираат како да е нешто најважно што треба да се направи во услови кога има 4 кризни состојби, рекордни цени на горивата, повисоки цени на основните прехрамбени производи а дополнително од вчера се одмрзнале цените на оние продукти кои беа замрзнати.
– Наместо да зборуваме за тоа да донесуваме одлуки за намалување на цената на електричната енергија која директно влијае за зголемувањето на цените на другите основни продукти, на секој семеен буџет, наместо да зборуваме за намалување на акцизата за горивата за 50% каде директно ќе влијае на цената на бензинот која ќе се намали 13 денари и цената на дизелот која ќе се намали за 9,5 денари затоа што оваа цена што ја имаме е највисока до сега во Република Македонија. Наместо да дискутираме за намалување на ДДВ на прехрамбените производи од 5 на 0%, наместо да расправаме за зголемување на пензиите и наместо да имаме денес специјална седница за овие точки и одлуки кои на граѓаните ќе им помогнат полесно да ја пребродат оваа криза, ние денес разговараме за разрешување на колегата Фадил Зендели. – кажа Аџиоски.
Тој додаде дека разрешувањето на Зендели се прави спротивно од сите правила, спротивно на Уставот и сите пракси, дури и претседателот на Собранието оди спротивно на она што самиот го кажал во една дебатна емисија. Вели дека имаме ситуација во која претседателот вели дека не може на сила на пленумот да му наложи да разреши некој пратеник, затоа што за тоа мора да има претходно предлог на комисијата, за сега после две недели да биде прв потпишан на предлог одлуката за разрешување на пратеникот Зендели.