Во денешното издание на “Утрински брифинг” гостуваше Мирче Аџиоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, кој зборуваше за актуелната политичка ситуација во земјата, како и во однос на преговорите предводени од Зоран Заев и Бујар Османи со Република Бугарија.
Аџиоски е дециден дека преговорите со Република Бугарија се поразувачки за Република Македонија, поради тоа што Зоран Заев наместо да се избори за она што за Македонците претставуваат црвени линии, тој јавно ги распродава и поигрува со националното чувство на граѓаните на Република Македонија.
-Поразувачки е фактот што Зоран Заев тајно преговара во името на македонскиот народ, отстапувајќи од работите од кои Македонците никогаш не би отстапиле. Во моментов Заев договара задкулисно нешто кое што ние како политичка партија нема да можеме да го прифатиме, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е бедемот кој до последно ќе стои на браникот на интересите на Република Македонија. Имајќи ги во предвид изминатите години и предлозите кои Зоран Заев ги сервираше на граѓаните, не можеме да очекуваме ништо подобро ниту сега, односно на повидок е ново предавство, вели Аџиоски.
Бугарската страна е речиси изненадена од она што Зоран Заев го прави на штета на Република Македонија, најголемиот дел од политичарите се чудат на отстапките на Зоран Заев, бидејќи и самите тие добиваат дури и повеќе од тоа што побарале. Зоран Заев е човек кој е синоним за национално предавство и тоа на граѓаните треба да им биде јасно, додава Аџиоски.
-ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се направи ново предавство од страна на Заев и СДСМ, но во тоа треба да помогнат и граѓаните од кои ВМРО-ДПМНЕ очекува поддршка. Доаѓаат денови кога ќе мораме сите заедно да застанеме во одбрана на идентитетот, едни внатре во Собранието, а другите насекаде низ Македонија, заврши Аџиоски.