Деновиве градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов водеше битка со Агенцијата со храна и ветеринарство околу локацијата за јама на 9.000 заболени свињи од африканска чума. Градоначалникот Паунов се сомнева дека беше политичка одлуката за да бидат закопани повеќе од 9.000 свињи во селото Таринци.
Според случувањата деновиве може да се воочи дека АХВ се обиде да го сокрие случајот со заразените свињи од африканска чума уште од самиот почеток. Но поради притисок од страна на јавноста и медиумите по шест дена АХВ побара од Општината да одреди локација.
По изјавите на градоначалникот на општина Карбинци веднаш по пријавата од АХВ кон Општината дека има решение за болеста се одржа вонредна седница на Советот при што не се прифати предложената локација на АХВ туку Советот предложи друга локација која тие ја оценија како погодна. Но од АХВ сепак одлучија да ја одберат онаа кои сами ја предложија кај село Таринци.
„Агенцијата за храна и ветеринарство ја одби предлог локацијата која што Советот на Општина Карбинци ја одлучи на седницата вонредна која што се одржа во петокот и инсистираше на нивна предложена локација која што е во непосредна близина на селата Таринци и селото Нов Караорман, и индустриската зона која што овде има неколку фирми кои што работат“, изјави градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов на 04.09.2023 за ТВ Стар.
Тој нагласи дека Советот на Општина Карбинци даде локација каде што на километар до километар ипол нема население, нема никакви објекти кои што би можеле да бидат загрозени. А, АХВ бараше локација за закопување на 9.000 мртви свињи која што е на 500-тини метри од индустриската зона, од Нов Караорман како населено место и на некои 800-900 метри од селото Таринци.
Советот на Општина Карбинци по итна постапка свика седница за да се разгледа барањето на АХВ. И според документите на Советот на општина Карбинци на 29-тата седница одржана на 01.09.2023 година, донесе Одлука за определување на локација за закопување на мрши од угинати животни (свињи) од комерцијалната фарма за одгледување на свињи ОВЧЕПОЛКА ДООЕЛ од Велес лоцирана во КО Таринци број 0801-1307/3.
А, јасно во документот од одржаната седница, Советот не ја прифаќа предложената парцела од страна на АХВ со образложение – „Посочената локација на КП број 544 КО Таринци во дописот број 2526/1 од 01.09.2023 година од Агенцијата за храна и ветеринарство Скопје, Советот на Општина Карбинци не ја прифаќа од причини што инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина и од Агенцијата за храна и ветеринарство не ги имаат земено во предвид развојните планови на Општина Карбинци бидејќи надлежен орган на Општина Карбинци води постапка за одобрување на урбанистички проект вон плански опфат за две катастраски парцели, а за една одобрение за градење кои што се на оддалеченост околу 100 метри од оваа локација, потоа близината на првите комерцијални објекти во село Нов Караорман кои од предметната локација се оддалечени околу 500 метри, и има реакции од месното население од село Таринци, каде што постојат повеќе помали фарми каде што се огледуваат свињи.
АХВ веднаш по нивното решение за локација започнале да ги закопуваат свињите, но за 4 дена успеале едвај 300 свињи да убијат со што неспособноста ја покажуваат на дело и со самото тоа можноста кон околината за ширење на болеста е значително поголема.
Денеска и здружението „Анима Мунди“ реагираше на неспособноста на АХВ за да се реши проблемот со африканската чума.
„Околу пет до десет илјади животни веќе осми ден се без храна и вода во простор без вентилација, оставени да умрат на свињарската фарма во селото Таринци“, апелираат од здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.