Подигнување на свеста за ризикот од кардиоваскуларни заболувања кај жените е целта на акцијата „Црвен аларм за женското срцево здравје”, што вечер ќе ја промовираат Универзитетската клиника за кардиологија, Здружението на матични и семејни лекари и Центарот за семејна медицина, а во рамки на одбележувањето на 29 Октомври, Светски ден на срцето.
На промоцијата на акцијата, како што е најавено, ќе се обратат Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот, проф. д-р Љубица Георгиевска – Исмаил, пациенти со кардиоваскуларни болести, а ќе проговорат и жените за значењето на кардиоваскуларното здравје….
Aкцијата се организира со цел да ја зајакне врската меѓу трите основни алки кои го чинат синџирот неопходен за успешна и навремена кардиоваскуларна превенција: пациентите, матичните и семејни лекари и кардиолозите.
Во рамки на акцијата во текот на ноември и декември и јануари 2020 година, избрани матични и семејни лекари од територијата на град Скопје ќе вршат кардиоваскуларен скрининг на жените без докажана кардиоваскуларна болест.
Целна популација се жените во работоспособна возраст, до 65 години со недокажана кардиоваскуларна болест. Жените со среден и висок ризик ќе бидат упатувани на превентивни кардиолошки прегледи на Клиниката за кардиологија. Резултатите од кардиоваскуларниот скрининг ќе бидат презентирани пред стручната јавност и публикувани во медицинските и електронските медиуми, информираат од Клиниката.
Покровител на акцијата, на која се очекува присуство на истакнати жени од областа на медицината, јавниот живот и дипломатскиот кор, е фармацевтската компанија Алкалоид АД Скопје.
Во промотивните активности се вклучува и Здружението на пациенти со кардиоваскуларни болести „Здрава иднина”, информираат од Клиниката и додаваат дека ќе организираат и други настани до крајот на годинава и на почетокот на идната година, кои ќе финишираат на 1 февруари на Денот на одбележувањето на женското срцево здравје.