Ако сте болни и имате потреба од антибиотик или друга терапија за сериозна состојба ќе мора да чекате до понеделник за да ги подигнете лековите од аптека на товар на Фондот. Во меѓувреме фармацевтот треба да ви земе податоци и телефонски број и да прати маил до ФЗО од каде ќе чека потврда дали имате здравствено осигурување. Доколку е работен ден ова треба да се направи во текот на работното време за да може осигуреникот да се повика повторно да дојде во аптеката. За терапија за хронично болни истото треба да се направи во рок од 3 дена, објавува Сител.
Вака функционира издавањето на лекови на рецепт веќе неколку дена откако не функционира системот на Фондот за здравство. Ова предизвикика голем револт и кај граѓаните и кај аптекарите. Реагираат и од Фармацевтската комора и од Здружението на приватни аптеки дека известувањето од ФЗО е тешко спроведливо во пракса и има многу нејаснотии и недоречености од Фондот им рекле да продолжат исто да работат. Дел од пациентите иако имале уредно здравствено осигурување одлучувале приватно да си ја платат терапијата, за да не чекаат.
-Ние во секојдневното работење во аптеките имаме многу голема фреквенција на луѓе. Имаме пациенти од едно градско подрачје во друго, од село во град и имајќи предвид дека голем дел од лековите кои се издаваат на рецепт се итни и неопходни и тие пациенти не може да чекаат спроведување на административни процедури за да се провери дали имаат осигурување или не, изјави Џоана Андоноска, претседател на Здружение на приватни аптеки.
Дополнителен проблем за нив е што со оние пациенти на кои после 5-ти во месецот им престанало осигурувањето. Тогаш подигањето на лекови на товар на ФЗО ќе им носи финансиска загуба.
Затоа од Фармацевстката комора предлагаат за февруари да не се одбиваат рецептите по основ на осигурување и итно да се најде решение за од 1 март доколку не се реши проблемот со системот.
Во меѓувреме се повеќе се зголемува револтот и кај здравствените работници поради неисплатените плати. Денеска дел од нив вработени на Клинички се собраа за време на паузата во кругот на комплексот.
-Воопшто немаме информација ниту како ќе се пресметува, ниту како ќе биде исплатена платата, и ние мимаме издатоци кои треба да ги сервисираме, изјави д-р Лазо Јовчевски, детски хирург.
За од понеделник протест најавија и повеќе синдикални организации во здравството, а од Фондот преку соопштение информираат дека се очекува исплата на платата во текот на идната недела откако ќе ги добијат податоците од сите ЈЗУ, исто како пред 20 години.