Директорот на пазарниот инспекторат, Горан Трајковски, на својот Фејсбук профил напиша дека леб има и се продава по 33 денари. Тој нагласи дека инспекторите се на терен и додаде дека дополнително ќе се замрзнуваат цени и на други производи.
Вчера тој исто така објави дека ако се утврди прекршување на Одлуките ќе следат казни во согласност со Законот за трговија.
– Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10.000 евра, затоа апелирам да се почитуваат Одлуките, а ние како институција и понатаму сме на терен да ја следиме состојбата и да постапиме при евентуални прекршувања на законските одредби! Граѓаните не смеат да трпат заради туѓи лични интереси! Мерките се насочени кон тоа да им се олесни состојбата на граѓаните во ваков кризен период и нивната злоупотреба е апсолутно недозволива. Кризата не е време за мислење само на себе и на профит, туку потребно е да имаме разбирање едни кон други, да помагаме и да бидеме солидарни, објави вчера Трајковски.
Пекарската индустрија пак, најави дека од денеска ќе почне да испорачува бел и полубел леб по цена од 33 денари, но ќе поведе и правна постапка за наплата на штетата по владината одлука за замрзнувањето на цената заклучно со 31 мај годинава. Од денеска во маркетите белиот и полубелиот леб е нареден на полиците.
– Битката со Владата продолжува на правна основа. Одлуките што таа ги донесе на месечно ниво ни прават штета од преку 1,5 милиони евра. Поради наметнатите загуби, принудени сме да се прилагодиме и да ги намалиме загубите со одредени видови леб, но и да намалиме од бројот на вработени. Во наредните три месеци ќе бараме начин да опстанеме, а од утре ќе почнеме да испорачуваме леб за да им излеземе во пресрет на граѓаните, рече вчера на прес-конференција претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ.
Според него, компаниите максимално ги почитувале мерките за поддршка, а Владата донела неуставна и незаконска одлука со која ќе им нанесе штета од над 4,5 милиони евра. Владата, вели Малишиќ, воопшто нема чувство за новонастанатата ситуација и ниту е свесна, како што рече, дека со ваквите популистички мерки уништува една од стратешките индустрии во земјата.
По одлуката што Владата ја донесе на 28 февруари за замрзнување на цената на лебот, како одговор дека и покрај субвенционираната струја за прехранбениот сектор не се намалени цените, пекарите одговорија со прекин на производството и полиците во големите маркети беа празни. По ова, Владата завчера интервенираше со дополнителна одлука со која ги обврза пекарите да го произведуваат и ставаат во промет белиот и полубелиот леб, а трговците да го прибавуваат и продаваат. Надзорот на Државниот пазарен инспекторат, како што обарзложија од Владата, утврдил сериозно нарушување на домашниот пазар во Скопје и Тетово, поради недостиг на леб и полубел леб, чија цена е замрзната.
Премиерот Димитар Ковачевски и вчера порача дека Владата нема да дозволи никој да прави екстра профит на грбот на граѓаните.
Тој најави дека во блиска иднина е можно да бидат замрзнат цените и на некои други прехранбени производи, за што калкулациите веќе се прават.
– Цената на лебот е замрзната за да се заштитат граѓаните, рече Ковачевски и изрази разочарување од некои производители кои, како што рече, според објавуваните сметки, продавале бел и полубел леб во вечерните часови по цена од 50 денари.
Според премиерот, Владата нема да дозволи некој да прави екстра профит на грбот на граѓаните.
Не држи објаснувањето дека мала пекараница може да произведе поевтин леб од голема пекарница. Компаниите кои во моментов не сакаат да произведуваат ваков тип леб се тие што го добија најголемиот дел од субвенциите за електрична енергија што никаде не можете да најдете на пазарот во време на криза. Тие треба да покажат одговорност, да го испорачаат она за што исто така за оваа цена имаат маржа, зашто калкулацијата беше правена од пекарската индустрија. Да се заработува на грбот на граѓаните кога треба да покажеме солидарност, е нешто најлошо што може да направи една компанија. Од друга страна, има одговорни комапнии и на нив сакам да им се заблагодарам, изјави Ковачевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши, вчера рече дека Министерството за економија речиси ги заврши анализите за замрзнување на цените на дел од производите, особено за тестенините и млечните производи.
-До крајот на неделата или наредната недела ќе се носат одлуките, најави Бектеши, во гостувањето на Тема на денот на телевизија Сител, посочувајќи дека ќе се анализираат сите производи наведени во одлуката на Владата за замрзнување на трговската маржа.
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, „лошите политики на Владата довеле до празни рафтови за леб“.
– Граѓаните треба да добијат леб, како основен прехранбен производ, по најниска цена што треба да ја има, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на спортската сала во скопско Стајковци.