Активни се четири пожари во земјава. Се уште е активен пожарот кај селата Раовиќ и Буковиќ во општина Сарај, на недостапен терен кон сртот на планината Осој. Во текот на утринските часови не се гледа ни чад, ни оган на кракот кон селото Раовиќ кај антената на „Т-мобиле“. Се уште гори нискостеблеста мешана и деградирана шума, соопшти на денешната редовна прес-конференција Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Се уште е активен пожарот во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во општина Прилеп е се уште активен, но засега нема опасност од проширување.
Повторно е активиран пожарот на планината Готен кај село Нивичино, место викано Калинско.
– Во моментов интервенираат лица од Шумско стопанство „Беласица“, а на истиот пожар, кој гори и од страна на беровска територија интервенираат лица од Шумско стопанство „Малешево“ од Берово и од Шумско стопанство „Равна река“, екипа на Територијалната противпожарна единица од Берово, лица од Дирекцијата за заштита и спасување, како и месното население од село Владимирово, изјави Вчкова.
Се уште е активен пожарот во селата Куново, Којково и Луково во Кратовско. Гори шумска постелка и суви корења. Вчкова информира дека во моментов се прави проценка за опасност од проширување на овој пожар, по што ќе биде одлучено за понатамошниот тек за гаснење.