Додека власта тврди дека има 77 гласови за уставни измени, сметајќи ги четирите опозициски пратеници Албанци, Алијансата и Беса на Биљал Касами ги условуваат промените со унапредување на правата на Албанците , пишува Алсат.
„Разбирливо е дека во таа фаза ќе бараме влегување во сила на законот за јазиците, кој по договорот меѓу Македонија и Грција е втор услов за членство на земјата во НАТО. Во интерес на внатрешната политичка кохезија ќе бараме некои уставни интервенции во интерес на Албанците“, изјави Флакрон Беџети од Алијанса за Албанците.
„Убедени сме дека овој парламентарен состав, ако има сенс да направи уставни промени, да ја сфати реалноста на мултиетничкото општество, но и потребите на Албанците како втора заедница по големина, мислам дека е историска шанса да се направат овие промени, да се постигне целосна еднаквост на Албанците, да се смени името на државата и со тоа да се отвори патот на интеграцијата“, рече Арианит Хоџа – Беса на Касами.
Владејачките албански партии ДУИ и Беса на Африм Гаши се противат на ваквата идеја на албанската опозиција.
„Оваа дебата на другите албански опозициски партии ја ценам како преуранета и како недостаток на креативност од нивна страна. Во отсуство на нивен придонес за успешен референдум, тие може да излезат со теми кои всушност може да се сметаат подоцна“, рече Артан Груби, пратеник на ДУИ.
„Ние сме длабоко заинтересирани и посветени Договорот да помине во Собранието и да се почне со негова имплементација. Што се однесува до дополнителните амандмани, поради големата чувствителност на ситуацијата во која се наоѓаме, во моментот спроведуваме внатрешни консултации, но мораме да бидеме многу внимателни“, изјави Орхан Муртезани – Беса на Гаши.
По дводневните двоумења околу тоа дали да ќе се поддржат евентуални предвремени избори или не, од ДУИ денеска појаснија дека се за избори и покрај тоа што претпочитаат решенија во Собранието.
„ДУИ е подготвена за предвремени избори, но сметаме дека е време за моментално решение. Има сè уште простор да се најде институционално решение“, рече Артан Груби, пратеник на ДУИ.