Доктор Александар Жупаноски ќе биде новиот директор на скопската Клиника за неврохиругија, неофицијално дознава „Фокус“.
Тој доаѓа на местото на досегашниот прв човек, неврохирургот Владимир Рендевски, кој стана нов заменик министер за здравство.
Според информациите на „Фокус“, доктор Жупаноски од утре и официјално стартува со работа. Нашите извори тврдат дека тој е избран како в.д. директор без оглас, за да не се остави клиниката да биде подолг период без директор.
Од оваа клиника доаѓа и претходниот министер за здравство, неврохирургот Венко Филипче, кој по завршувањето на министерската кариера се врати на својата лекарска професија.
Веднаш по договорите на владејачката СДСМ и Алтернатива беше познато името на новиот министер, стоматологот Беким Сали, но за заменичкото место се вртеа неколку имиња.