Ја урнисавте правната држава, не постои право, не постојат закони, Уставот сакате да го урнисате во оваа држава, реплицираше Емилија Александрова од ВМРО-ДПМНЕ на Соња Мираковска од СДСМ при Комисијата за Уставни промени.
Александрова ја прочита и изјавата на Ципрас од 5-ти јули каде што тој вели дека никаде во договорот не се признава нацијата.
Но во една работа Александрова се согласува со пратеничката од СДСМ, дека овој Парламент е исправен пред една историска одлука, меѓутоа не се согласува дека го добиле мандатот да носат одлука за промена името на својата држава.
-Колешке Мираковска, Вие во вашата програма имавте се само немавте промена на име. Вие ветувавте 500 евра плата, 100.000 денари плата за докторите, подобар живот за младите, вработување на младите после завршување на образование, меѓутоа колешке Вие никаде во вашата програма не спомнавте дека ќе го менувате името, јазикот, идентитетот и сите други останати работи. Затоа колешке јас се согласувам дека е историска одлука и вие и ние мораме да го почитуваме Уставот, мора да ја почитуваме волјата на граѓаните. И вие колешке спомнавте чувства, не се работи за чувства, овој Парламент функционира во името на правото, во Уставот, законите, истакна Александрова.