„Оние први борбени линии, кои ја донесоа победата за изборите ќе бидат врвен приоритет, тоа се 10-15 членови. Нашите 10-15 тркачи, ќе бидат првите приоритети за вработување“. Ова се дел од пораките што им ги кажал претседателот на ОО на СДСМ на Кисела Вода, Бранко Георгиевски на присутните, на 1 февруари оваа година, за време на првата конститутивна седница на Извршниот одбор – околу три месеци пред да се случат вработувањата на луѓето- за кои Алфа вчера објави, на основа на документи до кои дојде и тоа токму од разочарани членови на СДСМ. Станува збор за партиско вдомување на работни позиции во самата општина, училиштата, градинките на територија на општината, но и во јавните претпријатија Комунална Хигиена и Македонски шуми.
Денешниот, втор дел, од истражувањето на Алфа, го пренесуваме во продолжение:
На споменатата седница е присутен и градоначалникот Филип Темелковски. Тој зборува за листи за вработување доставени до централата, за тоа дека кадарот со средно образование има приоритет, но и дека на коалиционите партнери нема им се нудат повеќе од две места.
-Дел од луѓето што ги предложивме во централата добија место. Тие што не добија место ги пуштивме како предлози за Управни и надзорни органи во јавните претпријатија. Во општината ми требаат високо-образовани кадри – искусни правници и архитекти. Како кадри ги немаме во Општинската организација. Нашите приоритетни листи се со кадри со завршено средно образование во 90 проценти од листата. Истото е со кадрите од коалиционите партнери на кои не им нудиме повеќе од две места, зборувал Темелковски, градоначалник на Општина Кисела Вода, на 01.02.2018
Алфа писмено побара изјава во камера од Темелковски: дали е свесен дека го крши законот? Зошто ги изневери очекувањата и ветувањата на граѓаните, дека заврши режимското вработување на подобни партиски кадри? Се одлучија за писмен одговор:
-Општина Кисела Вода работи независно од политичките партии и убедувања, како на вработените така и на граѓаните кои секојдневно добиваат услуги од нашата локална самоуправа. Нас како Општина не не засега кој на која политичка партија припаѓа, кај нас работат и се наоѓаат на раководни места лица кои имаат различни политички убедувања, велат од Кисела Вода.
Додаваат дека во време на Темелковски биле унапредени лица кои од претходно биле вработени, но и дека секое вработување било целосно законско. Во иднина, „за политичките прашања ни рекоа одговори да бараме од политичките партии“. А истото, во телефонски разговор, ни го порача и Георгиевски. Понервозен отколку преписката со Темелковски.
-Од каде ви се овие документи?
-Го користам правото како новинар да не ви откријам, тоа се мои извори.
-Имајте си вие извори но документите не ви се вистински, тие се фабрикувани. Вистински документи, партиски, ние не можеме на Алфа да и ги докажуваме.
На истата седница од 1 февруари, настанала тензична расправа за тоа што на еден список за вработување се нашле двајца членови со исто презиме. Сега, од нив, едната е и член на совет на Град Скопје и на Управниот одбор на здравствената станица Железара, а другата, е член на Надзорен одбор во библиотеката „Браќа Миладиновци“.
А дека партиските вработувања се вистински вчера потврди и лице кое се наоѓа на списоците што ги има Алфа и чие работно место во локалната самоуправа.
-Тука сум во комунална инспекција, задоволен сум, само платата не е висока, вели вработен, член на СДСМ.
На прашањата пак до Комунална Хигиена, препријатието одлучи да нема официјален став за партиските вработувања.