Четиринаесет кандидати се пријавиле на огласот за директор на новата агенција за прислушување ОТА, дознава Алфа. Правници, лица од воената служба, од сферата на безбедноста, економисти, електротехнички инженери, меѓу нив само неколку звучни имиња.
На конкурсот се пријавил универзитетскиот професор за безбедност Стефан Буџаковски, освен професорот, на листата кандидати од сферата на безбедноста доаѓаат уште двајца, кои дипломирале безбедност и самозаштита.
Кандидат за директор на ОТА е и екс контраразузнавачот Ѓорги Лазаревски, на кого специјалното јавно обвинителство му го тргна кривичниот товар дека бил вмешан во наводната афера за прислушување позната како ,,Пуч“. Лазаревски е дипломиран електроинженер, со исто образование на листата кандидати за прв човек на ОТА има уште двајца. За директор на ОТА конкурирале и четворица правници, меѓу нив и еден доктор на науки, јавува телевизијата.
Со завршена воена академија во Скопје, доаѓаат тројца кандидати, меѓу кои капетан Димитар Богатинов експерт од сферата на сајбер криминалот и полковникот Драган Ковачки поранешен раководител во службата за Воено Разузнавање.
На листата од 14 кандидати има и еден економист. Девет од кандидатите се од Скопје, двајца од Охрид и по еден од Штип и Кочани. О
гласот за директор на ОТА траеше 20 дена, изборот треба да биде на собрание. За да се избере директор на ОТА потребна е поддршка од 2/3 од пратениците плус бадинтер со што останува отворено прашањето, дали на политичките партии ќе им биде важна стручноста и професионалноста на кандидатите или на маса повторно ќе бидат ставени политички калкулации. Според законот за ОТА, истата треба да почне со работа до ноември 2018 година. Кој ќе биде вработен во агенцијата е лична одлука на директорот на ОТА.