Молк во институциите по завчерашната акција против лица осомничени за трговија со кокаин.
Ниту денеска, ни од обвинителството, ни од МВР не соопштуваат детали за акцијата во која беше приведена и познатата македонска актерка Силвија Стојановска. Молкот на надлежните отвора сомнеж, дали наскоро и други лица за истото дело ќе паднат во рацете на меѓународните партнери? Непознато е колку лица учествувале во криминалната мрежа и колкав период траеле нивните активности на црниот пазар? Од МВР велат информација за случајот ќе имало „кога ќе дојде време“, анализира телевизија „Алфа“.
Судија на претходна постапка на македонската актерка ѝ одреди 30 дена куќен притвор, а нејзиниот партнер, Војислав Будисављевиќ заврши во истражниот затвор во Шутка. Вчера за Алфа, само кривичниот суд потврди дека мерките за Стојановска и Будисављевиќ биле побарани од обвинителството за организиран криминал и корупција, а судија на претходна постапка ги одредил по три основи: влијание врз сведоци, повторување на делото и обид за бегство.
-Во јавноста веќе се шпекулира дека актерката Стојановска била задолжена за логистика: набавки на билети, резервации на хотели, додека клучниот играч во македонската тројка бил братот на Восилав Будисављевиќ кој живее во Мадрид. Во неговиот стан, шпанската полиција нашла докази за трговија со големо количество кокаин, наводно 700 килограми. Медиумите веќе објавија дека Стојановска и браќата Будисаљевиќ се само алка во мегаломанскиот обид во Шпанија да се внесат три тони колумбиски кокаин кои пред три недели заврши во рацете на полицијата. Дрогата била сокриена во подморница, а требала да заврши на улиците во Велика Британија. Шверцерите од оваа пратка планирале да заработат 100 милиони долари, анализира Алфа.
Будисављевиќ, во 2010 година беше осуден заедно со Мадам Пепи, односно Персида Момировска, во аферата шверц на кокаин и брендирана облека. Тој тогаш одговараше само за фалсификување на службена исправа, но не и за другите две дела.
Инаку, сличен ваков случај со заплена на кокаин имаше и во 2007 година, кога на граничниот преми Блаце беше откриена голема количина кокаин во канти за поликолор во камион превезуван од Алија Азировиќ. Тој заедно со Станислава Чочоровска беа осудени за организирање на транспортот на близу 500 килограми кокаин. Чочоровска доби 14 години затвор, а во 2017 беше пуштена на слобода заради лекување.
Прилогот на Алфа, погледнете го во продолжение