Педесет и четворица Американци, што е рекорден број досега, пристигнаа денеска во Македонија за да служат како волонтери во Мировниот корпус. Тие ќе го споделат своето знаење и искуство во училишта и организации во Македонија.
– Сведоци сме на пристигнувањето на најголемата група волонтери во историјата на Мировниот корпус Македонија. Од година во година, бројот на волонтерите се повеќе се зголемува. Ова го покажува големиот интерес кој постои кај Американците да служат во Македонија, изјави директорот на Мировниот корпус во Македонија, Марк Ханафин.
Нивното присуство во Македонија, според Ханафин, е многу значајно.
– Споделувањето знаења и искуства е непроценливо за сите коишто се инволвирани, вели тој.
За време на нивниот двегодишен престој во Македонија, тие ќе работат како наставници по англиски јазик во училишта, како дефектолози во дневните центри за лица со посебни потреби, како и во областа на развојот на заедниците во невладини организации и општини.
Мировниот корпус е американска владина организација и ги реализира своите програми во партнерство со Министерството за образование и наука, Министерството за локална самоуправа и со Министерството за труд и социјална политика.
Ова е 23-та група на волонтери кои ќе живеат и работат во градови и села низ Македонија. Во текот на првите три месеци, волонтерите ќе ги изучуваат локалните јазици и ќе се запознаат со македонската култура. Својата служба во Македонија ќе ја почнат во декември.
Повеќе од 750 американски државјани служеле во Македонија од 1996 година.