Марија Андоновска координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје на почетокот на вонредната седница рече дека срамота е што градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска не дојде на седницата која што самата ја побарала и побара да се обезбеди нејзиното и присуството на директорите на Јавните претпријатија, посочувајќи дека на денешната седница ќе се разговара за ребаланс на буџетот на градот и ќе се носат важни одлуки и решенија во интерес на скопјани.
Јас сакам да апелирам до вас претседателе во текот на расправата да обезбедите присуство на градоначалничката и на директорите на Јавните претпријатија и сите оние кои се засегнати со точките на дневен ред, бидејќи денеска овој Совет изгласа вонредна седница. На денешната средба имаме ребаланс, програми и одредени важни одлуки кои што треба да ги донесеме. Јас навистина не можам да најдам оправдување ниту пак разбирање зошто се предлага ребаланс, зошто имаме вакви клучни точки, но, ја немаме повторно градоначалничката Арсовска и директорите да ни ги објаснат овие точки, за да можеме аргументирано да дебатираме на оваа седница да дојдеме до решенија кои се од најдобар интерес на граѓаните на Скопје, рече Андоновска.
Андоновска потенцираше дека Арсовска иако е избрана за да биде поинаква од нејзините претходници во минатото, како и потранспарентна, не се појавува на седниците месеци наназад, односно како што рече таа неразбирливо е таквото однесување бидејќи советниците не можат да добијат ниту една информација, а со тоа се блокира и работата на советот на Град Скопје
Една од работите за кои што беше избрана е да биде поинаква од она што се случувало пред нејзе. А една од работите е да биде потранспарентна. Каде е транспарентноста кога ја немаме ниту денес, ниту седници наназад да дојде да дебатираме и да ги соочиме аргументите и да најдеме најдобри решенија за скопјани. Затоа апелирам уште еднаш да најдете начин да биде повикана и да дојде на денешната расправа, бидејќи не е разбирливо истата да не се појави ниту еднаш во овој совет месеци наназад и да не можеме ние како совет да добиеме ниту една информација, вели Андоновска.
Ваквиот начин на работа не само што не транспарентен туку претставува и блокирање на работата на советот, а воедно и неносење на одредени одлуки, заклучи Андоновска.