Ситуација во Македонија е катастрофална и повеќе вака не ја бива, наше е да почнеме да ги менуваме работите. Државата ја води мафија која ги продава македонските национални интереси. Тоа треба да запре и додека ЕУ не донесе одлука за почетокот на преговори ние треба да си ја завршиме домашната задача, која оваа власт очигледно не може да ја заврши, изјави членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски на денешната трибина организирана од ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе на тема „Надворешна политика“.
Андоновски истакна дека преговорите со Бугарија повеќе не смее да продолжат на овој начин како што се водат, односно тие не смее да задираат во македонските национални црвени линии, а на ЕУ останува дали ќе дозволи и понатаму ваков однос кон Македонија.
– ЕУ треба да реши дали ќе не прими и тоа одлука која треба да ја донесат, но Македонија повеќе не смее и нема да прави отстапки, Македонија повеќе нема што да даде, рече Андоновски.
Тој посочи дека Македонија беше принципиелна кога беше во прашање одбраната на европските граници за време на мигрантската криза и Македонија беше принципиелна кога ги праќаше нашите мировници во мисиите во Босна и Херцеговина и во Косово, и дека бараме ЕУ да го испорача заслуженото.
– Македонија преговараше за нешто што не смееше да преговара со Грција, а Заев беше непринципиелен и го даде името. Повеќе нема што да се дава. Бараме заслужени преговори за членство во ЕУ, тоа ЕУ треба да ни го овозможи, а ако не се подготвени да ни го овозможат чесно е да ни кажат. Но, додека чекаме да одлучат треба да си ја сработиме домашната задача, нагласи Андоновски.