„Кога станува збор за тетовската болница се уште нема одговорност на засегнатите, не се прифати оставката на Филипче, сега гледам дека тој ќе биде лесно заменет со некој нов партиски пријател на Заев. Но, немаше одговорност за болницата и точно повикуваме на одговорност затоа што жртвите од тој случај и жртвите со случајот од автобуската несреќа каде што 130 пати еден автобус поминувал граница без лиценца, царината да го детектираат покажува системска корупција. Јас да бев на местото на претставниците на СДСМ на денот на борба против корупција ќе се криев со свиткана глава надолу, со скриен поглед за да не ме гледаат луѓето затоа што си го носите бремето на системска корупција“,истакна Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „24 анализа“.
Андоновски додаде дека системската корупција на СДСМ чини човечки животи.
„Стравот кај нас постои дека СДСМ како и порано што го третираше Уставот како тоалетна хартија или марамче за една употреба ќе го третира и сега и ќе си поигра со нештата. Затоа што видете колку се флексибилни во изјавите. Ќе преоценуваат докази, ревизија ќе има, мониторирање ќе биде, па странски експерти ќе дојдат, па ќе ги видат случаите, па од друга страна албанската нова партија која што најавува дека ќе биде дел од мнозинството вели ќе се отворат случаи, па ќе има ревизија на случаите, и таа флексибилност на СДСМ е позната“, рече Андоновски.