Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов учествуваше на првата Пленарна сесија на Комитетот за отпорност на ниво на политички директори, која се одржа вчера и денес (01-02 декември) во седиштето на НАТО во Брисел.
На 1 декември 2022 членките на НАТО дискутираа како насоките од состанокот на високите национални претставници за отпорност да се преточат во конкретни активности и одобрија работни области со временска рамка кои ќе бидат патоказ за градење отпорност до Самитот на НАТО во Вилнус.
Претседавачите на групите за планирање при Комитетот за отпорност, кои играат важна улога во споделувањето на свесноста за националната подготвеност и неопходните активности, информираа за претстојната работа во делот на цивилната подготвеност преку седумте основни побарувања.
Дискусиите за перспективата на приватниот сектор во однос на зајакнувањето на националната и колективната отпорност продолжија за време на неформалната работна вечера. Притоа Ангелов оствари повеќе билатерални разговори.
Главна тема на сесијата 02.12.20022 година беше примената на Стратешкиот концепт кој нагласува дека обезбедувањето национална и колективна отпорност е клучно за сите основни задачи на НАТО и ги поткрепува напорите на сојузниците да ги заштитат нашите нации, општества и заеднички вредности.
Во втората сесија на сојузниците им се придружија земјите партнери на кои им се преставија најновите стратегии и се разговараше за влијанието на војната во Украина врз националната и колективната отпорност. Во таа насока, беше нагласено дека отпорноста на критичната инфраструктура е од суштинско значење за континуитетот на основните услуги за населението и за националната одбрана.