Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека апсолутно ги поддржуваат невладините организации кои се загрижени за Водно и се на иста страна со нив. Но, од друга страна пак вели дека магистралниот гасовод низ Водно има регуларна градежна дозвола и за негова изградба државата има земено кредит и потпишано договори со изведувачи.
-Станува збор за проект среде имплементација и секоја промена ќе значи одолжување на градбата на гасоводот и дополнително сечење на шума за греење на граѓаните. Одложувањето на изградбата на гасоводот ќе значи граѓаните да немаат алтернатива и понатаму да се греат на дрва или со други ресурси за огрев што се еколошки понеповолни и предизвикуваат поголемо нарушување на животната средина, вели Анѓушев.
Вицепремиерот кој посочува дека лично се заложил и со претставници на невладините организации бил на Водно, цени дека е направен максимален напор за да се намали било какво нарушување на животната средина
-Владата ќе земе обврска за секое исечено дрво да засади 10 и да ја анулира штетата на начин што ќе прогласи други заштитени подрачја во тој регион, потенцира Анѓушев.
Од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ бараа да се тргне целокупната градежна механизација од сртот на Водно додека не се реши проблемот и Владата да излезе со официјален став за проектот.
Тие апелираат Владата да го стопира издаденото одобрение за градба, да се изработи нова оценка на влијанието на изведбата на гасоводната делница врз животната средина во заштитената парк шума Водно и да се промени изборот на трасата.
– Според нас не може никако да се земе дека финансискиот и временски аспект се над деградацијата на нашето природно богатство. Мора да се ревидира и направи една добра анализа изборот на трасата дали мора да биде од јужната страна или има опции да се изведе од северната страна, изјави Стојановска.