Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ попладнево објави видео на кое е прикажано како неколкумина мажи се изживуваат врз живо јагне. Со врзани нозе јагнето го поставуваат на маса пред, како што нагласуваат од „Анима Мунди“, инспектор за заштита на благосостојбата на животните во подрачната единица Берово на Агенцијата за храна и ветерина.
Мажите играат околу јагнето ставено на маса, а ги забавува жива музика. Го снимаат со мобилните телефони и секогаш кога тоа ќе се легне, некој го буцнува да стане иако едвај стои со врзани нозе.
„Видно задоволен го гледа и снима престрашеното животно во очи, сведок и соучесник во ова изживување е оној кој треба да го заштити, но го измачува! Во кое нормално општество вакви ликови се вработуваат во државни институции и ги прекршуваат законите што треба да ги спроведуваат? Во кое нормално општество инспектор за заштита на животните е соучесник во нивно малтретирање, причинување непотребен стрес, страдање? Бараме итно да се покрене дисциплинска постапка о страна на Агенцијата за храна и ветеринарство против инспекторот од Берово и трајно да се отстрани од вршење службена должност во институцијата. Дополнително бараме Агенцијата да покрене постапка против сите овие лица што се соучесници во овој монструозен чин“, стои во објавата на „Анима Мунди“.
Тие најавуваат дека ќе поднесат пријави до сите надлежни институции против наведениот инспектор оти сметаат дека неспособен, неадекватен и очигледно психички нестабилен за да биде државен службеник, а уште помалку некој што треба да заштити животно во неволја, судејќи по објавеното видеото.