Пожарот кој настана поради експлозија на енергетскиот трансформатор на Блок 3 во РЕК Битола е пресликување на начинот како СДСМ ја туркаше Македонија во бездна од која тешко ќе излеземе, ако ВМРО-ДПМНЕ не ја преземе ситуацијата во своите раце. Имено, прецизните информации за причините за пожарот го говорат следното: на сликата јасно се гледа дека стручните служби во РЕК Битола кои вршеле интерна ревизија на трансформаторот, во запис доставен до раководството на РЕК Битола, предочиле дека постои ризик од пробив на високонапонски проводен изолатор. А, токму ова почитувани е причината за пожарот на трансформаторот: пробив на високонапонскиот проводен изолатор на трансформаторот на Блок 3. Оваа причина и актуелното раководство на ЕЛЕМ ја посочи во официјалното соопштение до јавноста, изјави на денешната прес-конференција Стевче Антовски, член на комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
За да биде несмасноста на раководството поставено од СДСМ во РЕК Битола поголема, тие одобриле овој трансформатор да биде во погон и покрај предочените проблеми. Вакви импровизации во енергетиката се одлика само за време на владеење на СДСМ.
-Во моментов Блок 3 е надвор од погон. Неговото санирање може да трае и една година. За жал, неработењето, криминалот и нестручноста на СДСМ доведоа до уште една катастрофа во македонскиот гигант, РЕК Битола, кој наместо да биде пример за успешно работење, во моментот едвај се држи на нозе. Раководството на ЕЛЕМ е целосно неспособно и нестручно и воопшто не се грижи за правилното одржување на целата постројка. Македонија е длабоко навлезена во енергетска криза, цената на електричната енергија на берзите е многу скапа, а ние немаме сопствено производство како поради нефункционалните производствени капацитети, што е последица на нивното неодржување, така и поради немање суровини за производство. Нема ископ на јаглен и нема вода во акумулациите, вели тој.
Според него електроенергетскиот систем од неговото постоење до денес никогаш не бил во полоша состојба. За ваквата негрижа и неговото уништување Владата предводена од СДСМ мора да сноси одговорност.