недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Апостолоски: Граѓаните немаат елементарни потреби за нормално живеење, а Наумоски ќе вработува нови 13 партиски пајташи кои општина Ѓорче Петров ќе ја чинат половина милион денари месечно

Апостолоски: Граѓаните немаат елементарни потреби за нормално живеење, а Наумоски ќе вработува нови 13 партиски пајташи кои општина Ѓорче Петров ќе ја чинат половина милион денари месечно

Расипништвото и катастрофалното работење на Александар Наумоски заземаат загрижувачки размери. Ѓорче Петров е општина која што се дави во ѓубре, кал, насекаде никнуваат депонии, граѓаните ги немаат ниту елементарните потреби за нормално функционирање и живеење, а Наумоски ќе вработува нови 13 партиски пајташи кои општина Ѓорче Петров ќе ја чинат половина милион денари месечно, или над 6 милиони денари годишно, истакна Данијел Апостолоски од ВМРО-ДПМНЕ.

-За буџетот со кој располага општината Ѓорче Петров, оваа сума на пари ќе го загрози нормалното функционирање и редовното сервисирање на обврските, за кое што отворено стравуваме дека сериозно ќе го намали нивото на основното и претшколското образование, како и нормалниот тек на работните обврски на општината. Откако Наумоски е градоначалник, скоро и да го удвои бројот на вработени административци во општината, кои ги плаќаме ние граѓаните, со наши пари. Проекти нема, проблемите не се решаваат, општината не се развива, а заедно со проблемите, расте и револтот на граѓаните. Додека градоначалникот нема пари за вработување на воспитачки во градинките и наставнички во основните училишта, истиот тој најде средства за ситуирање на своите партиски војници, рече Апостолоски и додаде:

„Наумоски соочен со извесниот пораз кој го чека СДСМ на предвремените парламентарни избори на 12 април 2020 година, а потоа и на локалните избори, брза да ги вработи партиските војници на СДСМ кои треба да бидат платени со народни пари, а граѓаните ќе немаат никаков бенефит од тоа. Согласно програмата за вработување, Наумовски до крајот на оваа година сака да вработи уште 11-мина, кои без исклучок применувајќи ја досегашната практика, ќе бидат членови и активисти на СДСМ, од кои најголемиот дел ќе земаат плата од локалната самоуправа, а ќе работат во партиските штабови на СДСМ“.

Се додека Наумоски, подвлече Апостолоски, неговата фамилија и криминалците од СДСМ се богатат на грбот на граѓаните, ќе бидат соочувани со реалноста од секојдневните херои како баба Перса, а ние како ВМРО-ДПМНЕ будно ќе го следиме процесот на вработување, и транспарентно ќе ја известуваме јавноста за сите постапки и за сите избрани кандидати, објавувајќи ги со име, презиме и НИВНАТА ПАРТИСКА ФУНКЦИЈА.

Најнови вести