Не престануваат понижувањата на општина Ѓорче Петров во македонската јавност, истакна на денешната прес-конференција во „Коментар на денот“ Данијел Апостолоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение интегрален текст и видео од прес-конференцијата на Апостолоски:
Четири години апелираме дека угледот на општината е длабоко нарушен, а оваа институција е киднапирана од силеџии, насилници, неработници и криминалци.
Практично, институцијата е достапна само за нив, а граѓаните се непожелни. Во текот на изминативе денови можевме да просведочиме на еден случај како лицето Горан Трипуновски – инспектор во општината унапреден од Александар Наумоски и негова десна рака, јавно се заканува на новинари на социјалните мрежи.
Ова е доказ на сите тврдења кои што ги произнесувавме изминативе години и ја повикуваме македонската јавност и новинарската фела да види како се однесуваат пајташите на Наумоски со граѓаните.
Драги граѓани и медиуми, замислете, ако инспекторот на Наумоски – вработен во општина, јавно на социјалните мрежи се заканува на новинар од таков калибар, како се однесуваат со граѓаните кои ќе дојдат во Општината да побараат помош?
Имено, го повикуваме Александар Наумоски да го санкционира Трипуновски и конечно да се фати за работа и да поведе ред во Општината, иако неговиот мандат ги одбројува последните денови. Насилието на кое што се навикнати Наумоски и СДСМ завршува, времето на насилниците и изживувањето врз граѓаните заврши.
За помалку од два месеци општина Ѓорче Петров ќе добие нов градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе го врати угледот и реномето на општината, рече Апостолоски.