вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Артан Груби ја затвори расправата за изборниот законик без ниту еден прифатен амандман

Артан Груби ја затвори расправата за изборниот законик без ниту еден прифатен амандман
dav

Собраниската Комисија за европски прашања речиси два часа пред полноќ ја заврши расправата по Предлог-законот за изменување на Изборниот законик по скратена постапка, во второ читање, без воопшто да се одлучува по предложените 401 амандман од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Комисијата, Артан Груби од ДУИ рече дека има многу пријавени за збор, а седницата согласно Деловникот мора да заврши до полноќ и нагласи дека нема време сите да дискутираат. Со истото образложение дека нема доволно време и оти е пробиен рокот одлучи да не се гласа по поднесените амандмани.

Претходно, расправата заглави на вториот амандман  и три пати беше прекинувана. Два пати беше дадена пауза поради тензична атмосфера, а еднаш на барање на координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Алими, за да се провери дали се преведени на албански јазик сите 400 амандмани.

По последната дадена пауза се обратија три пратенички Јулијана Николова од ЛДП, Слаѓана Митовска од ВМРО-ДПМНЕ и Јагода Шехпаска од СДСМ кои говореа за се само не за амандманите и Изборниот законик.

Во текот на расправата опозициските пратеници обвинија дека се злоупотребува европското знаменце и нагласија дека Изборниот законик нема никави допирни точки со Комисијата за европски прашања. Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, посочија дека нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ намерно го блокираат донесувањето на законите со цел да се амнестира криминалот во нивната партија и да се спаси поранешниот лидер Никола Груевски.

Со измените на Изборниот законик се предлага Државната изборна комисија да се бира со просто мнозинство од 61 пратеник, наместо со двотретинско од 81 пратеник како што беше досега.

Комисијата за европски прашања вчера ја почна расправата по Предлог-законот, а според Деловникот, за закони кои се донесуваат по скратена постапка и со европско знаменце треба да трае два дена. Предлог-законот в понеделник ќе биде на дневен ред на седница на Собрание.

МИА

Најнови вести