По вчерашната прес конференција во Владата во врска со предлог измените на Законот за работни односи со кои се предвидува денот недела да биде неработен ден за повеќе дејности и ден за неделен одмор на работниците, Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) реагира на предлог измените на законот кој ги опфаќа и спортските обложувалници и упатува барање до ресорното министерство и Владата, обложувалниците да бидат изземени од овие законски измени.
АСОМ се повикува на Член 83 од Законот за игрите на среќа и забавните игри кој ја регулира работата на спортските обложувалници, а кој предвидува: „Обложувалницата може да утврди работно време од 24 часа на ден, секој ден, независно од тоа дали со закон или со друг пропис е одреден државен или верски празник или друг неработен ден“. Согласно ова, измените на Законот за работни односи со кои денот недела се предвидува да биде неработен не можат да ги опфатат спортските обложувалници. Воедно, истакнуваат дека ниту во светската пракса не постојат примери каде игрите на среќа имааат ограничување на работното време или работни денови во неделата, што во најголема мера е детерминирано од спецификата на понудата и побарувачката.
Од Асоцијацијата посочуваат дека, ако и покрај погоре споменатиот член, денот недела биде неработен ден и за спортските обложувалници, тоа директно ќе го загрози работниот процес на целата стопанска гранка и ќе предизвика негативни социјални и економски последици.
– Работата на спортските обложувалници директно зависи од понудата на спортски натпревари. Најголем дел од спортските натпревари се играат за време на викендите, односно во недела. Воведувањето на денот недела како неработен ден значително ќе го ограничи и драстично ќе го намали пласманот за играчите во спортските обложувалници. Дополнително треба да се спомене дека играчите ги посетуваат спортските обложувалници во слободно време, односно најмногу во текот на викендите и недела, а не додека се на работа, истакнуваат од АСОМ.
Одлуката недела да биде неработен ден вработените во спортските обложувалници сериозно ќе го загрози деловното работење бидејќи повеќе од 70% од прометот се реализира во недела. Тоа директно ќе влијае врз финансиското работење, ќе доведе до драстично намалување на приходите, како и намалување на бројот на вработени.
– Еден голем дел од вработените во спортските обложувалници би можеле да ја загубат работата, бидејќи покривањето на еден дополнителен ден, денот недела, значи поголем број на вработени кои конкретно се една третина од сите вработени во спортските обложувалници. Вработените во спортските обложувалници работат 40 часа неделно, имаат слободен ден, платени им се сите прекувремени работни часови, ноќна работа и работа за празници, согласно законски пропишаното, велат од Асоцијацијата.
Со своето работење индустријата на игри на среќа придонесува со една четвртина милијарди евра во буџетот на државата. На годишно ниво, во државниот и локалните буџети од индустријата на игри на среќа се слеваат повеќе од 250 милиони евра, по основ на директни приходи и индиректните приходи од ДДВ, локални такси, придонеси и даноци за плати, закуп на деловен простор. За плати за своите вработени, компаниите приредувачи на игри на среќа издвојуваат над 30 милиони евра.
Сите директно вработени во целата индустрија на игрите на среќа, кои ги има повеќе од 8.000, одржуваат уште седум работни места во други стопански гранки, односно индустријата на игри на среќа поддржува над 54.000 работни места. Индустријата воглавно вработува студенти и дипломци кои претставуваат околку 15 % од вкупниот број на вработени, а расте и трендот на вработување на млади информатичари, математичари, програмери и електроинженери, за кои компаниите кои работат во оваа гранка континуирано имаат отоврено огласи за работа.