Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) информира дека вчера, 19 април, истече рокот за поднесување коментари и забелешки на предлог измените на Законот за игрите на среќа поставени на ЕНЕР. Во периодот предвиден за коментирање на законските измени, доставени се повеќе од 250 коментари од страна на асоцијацијата, поединечни правни субјекти-приредувачи на игри на среќа, стопански комори, деловни партнери и соработници на приредувачите на игрите среќа, но и вработени во оваа стопанска гранка, граѓани и други каде децидно се изразува загриженост од можноста законските измени да бидат имплементирани.
„Ние секојдневно ги следевме коментарите кои се поднесуваат на ЕНЕР. Евидентна е загриженоста на сите засегнати страни ако се усвојат законските измени кои се предлагаат, со што практично би се довел во прашање опстанокот на целата гранка. Поконкретно, речиси сите страни стравуваат дека доколку се усвои предложената дистанца од 500 метри од образовните институции, приредувачите на игри на среќа ќе ги затворат сите свои деловни објекти, а тоа како домино ефект ќе се прелее на погоре-споменатите засегнати страни кои ќе се соочат со сериозни последици од неработењето на нашиот сектор.“ – истакнуваат од АСОМ.
Во најголем дел од своите коментари, вработените покажуваат стравување дека ќе останат без работа и огромна загриженост за својата егзистенција во услови на економска криза и зголемена невработеност со која се соочува државата. Наведуваат дека се задоволни од своите работодавачи, кои и во услови на ваква економска криза не отпуштиле ниту еден вработен.
„Сите придонеси ми се платени, примам редовна плата како и надомест за работа за празници, а тоа во ова време е реткост и сметам дека тоа државата треба да го цени. Сметам дека со затварањето на локалите најмногу би претрпеле вработените кои би добиле отказ. Со самото тоа оштетени и засегнати би биле голем број на фамилии. Јас лично се плашам дека со овој закон, мојата фирма нема да може да опстане и дека јас и многу други ќе останеме без работа. А каде би оделе после, кога сега е најтешко да се најде работа“– се наведува во дел од коментарите на вработените, меѓу кои има и по двајца вработени од едно семејство.
На предлог измените на Законот, преку коментари се обидуваат да влијаат и деловни соработници кои наведуваат дека преку соработката со компании од игрите на среќа се во можност да исплатат плати на своите вработени, да ги платат давачките кон државата на време и да ја унапредуваат својата работа технички, но и со дополнителни вработувања. Воедно и двете стопански комори, СКМ и ССКМ, ги поднесоа своите забелешки на ЕНЕР каде генерално се истакнуваат придобивките за државата од работењето на игрите на среќа и ризиците од згаснувањето на оваа стопанска гранка.
„Сумирано, сите засегнати страни од овие законски измени, практично го потврдуваат она на што ние постојано укажуваме, но државата досега не покажа слух. Нашите позиции се јасни, законот е целосно контрадикторен, економски неиздржан и правен без анализи на импликациите од него. Од една страна се планира зголемување на, ионака највисоките даноци во Европа кои ги плаќаме, а од друга страна се прават обиди да се згасне целата гранка и да се остават над 8000 луѓе на улица. Тоа нема никаква логика, ниту ќе има некаков економски позитивен ефект, напротив ќе се случи економско цунами, а државата ќе загуби над 250 милиони евра кои на годишно ниво се слеваат во државната каса„- велат од АСОМ и додававаат дека приредувачите на игрите на среќа и нивните вработени се подготвени да ги преземат сите мерки овој спорен закон да не се донесе.