петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

(АУДИО) ФАКТИТЕ ПРОВЕРЕНИ: Финансова полиција и „БИРН“ заедно шират лажни вести!

(АУДИО) ФАКТИТЕ ПРОВЕРЕНИ: Финансова полиција и „БИРН“ заедно шират лажни вести!

Заедничка акција за ширење на лажни вести спроведуваат Финансовата Полиција и провладината истражувачка медиумска мрежа „БИРН“ – покажува проверката на факти која ја спроведе Радио Лидер, пренесува ЛИДЕР.

Во текстот кој под наслов „Ширењето на унгарските медиуми на Балканот загрижува, но тие имаат слабо влијание“ беше објавен на „Призма“ (платформа на „БИРН“) на четврти месецов, беа изнесени низа на лажни информации во однос на медиумите кои се критични настроени кон власта.

Ваквата тенденција на ширење на лажни вести доаѓа во време кога Владата во Македонија се обидува да спроведе низа на контроверзни одлуки како преговорите со Бугарија и измената на образовниот систем во земјава, пишува ЛИДЕР.

Според познавачите, директната намена на ширењето на лажни вести е за да се дискредитираат медиумите кои во овие критични периоди се критични кон власта.

Особено е скандалозно што ваквата лажна вест извира од медиум кој се поврзува со фондовите на контроверзниот берзански шпекулант Џорџ Сорос.

Како може да затајува данок некој кој кога се случувале трансакциите воопшто не ја поседувал компанијата?
Во текстот на БИРН пишува дека Македонската финансиска полиција поднела кривична пријава против Питер Шац за затајување данок, според информациите што ги добил БИРН.

-Финансиската полиција за БИРН вели дека Шац остварил добивка на незаконски начин за себе и за компанијата ЦХС Инвест Груп, која е мнозински сопственик во Алфа ТВ. „Шац не ги пријавил приходите во вкупната сума од 11.959.475 денари (околу 190.000 евра)“, рече полицијата. Според полициските информации, Шац го оштетил буџетот на Северна Македонија за околу 19.000 евра– пишува во текстот на БИРН.

Проверката на факти го покажува спротивното, дека ниту се работи за затајување на данок, ниту пак господинот Шац е информиран дека против него била поднесена било каква пријава и нема никаква процедура во обвинителството.

Имено, според извори од свиркачи од Финансовата Полиција, кон крајот на 2018 година во ИХС Инвест Груп влегла финансиска контрола, но не од Финансиската полиција туку од УЈП. Контролата покажала дека оваа компанија во 2013 година имала земено позајмица од околу 9 милиони денари од друга компанија која не била вратена. Ова значи, не се работи за никаков „приход“ туку за позајмица која не била вратена.

Во моментот кога се случила оваа трансакција, унгарскиот инвеститор Питер Шац не бил сопственик на ЦХС Инвест Груп, па останува нејасно како тој би можел да затајува данок? Всушност, според информациите кои ги доби „Лидер“ од свиркачи од Финансовата полиција, во тој момент Шац не ни знаел дека некаква позајмица била земена и нереализирана од претходните сопственици на компанијата.

Веднаш по контролата, според законите кои тогаш беа на сила, на ИХС Инвест Груп им стигнало решение дека треба да платат данок за оваа позајмица по што компанијата уредно уште на почетокот на 2019 си го платила данокот и од тука станува јасно дека се работи за лажна вест затоа што буџетот нигде не е оштетен и данок нигде не е затаен. Инаку, подоцна во Македонија имаше измени на законот со кој невратените позајмици се ослободија од данок, но и покрај тоа според тврдењата на ИХС Инвест Груп данокот за позајмицата е целосно платен.Во исто време, според информации добиени од свиркачи, од компанијата информираат дека не добиле писмо со никаква кривична пријава за затајување данок и никаква информација дека обвинителството ги терети за ова, пренесува Лидер.

Проверката на факти покажува дека се работи за класична лажна вест оркестрирана од Финансиската полиција и БИРН, затоа што (1) не се работи за непријавен приход туку за позајмица (2) наведената сума не е точна, (3) данокот не е затаен туку целосно платен, (4) не се работи за никаква контрола на Финансиската полиција која никогаш не влегла во оваа компанија туку за контрола на УЈП и (5) компанијата нема никаква информација дека против неа има кривична пријава.

Редакцијата на „Лидер“ пред 10 дена постави прашања до Финансиската полиција, каде споделувајќи ги нашите факти ги замоливме да ни одговорат каде е тука затајувањето на данок и како тие го констатирале истото? Но, налетуваме на молк кој трае цели 10 дена.

Самиот молк на Финансиската полиција открива дека се работи за лажна вест, во исто време од институцијата не ја негираат изјавата која ја дале за БИРН, што значи дека оваа лажна вест е креирана заедно – од Финансиската полиција и од БИРН.

Сите кои го критикуваат Заев се финансираат од „валкани“ пари
Ширењето на лажни вести од страна на БИРН и Финансова полиција не застанува овде. Во понатамошниот дел од текстот, од институцијата и медиумот оркестрирано се користат термини како „перење пари“, „валкани пари“ и „сомнителни пари“ без притоа да се проложи ниту еден доказ или пријава за истото.

-Истрагата за перење пари против Шац е се уште отворена. Во август минатата година Финансиската полиција побарала од Јавното обвинителство да ги замрзне парите на друга компанија на Шац, Таргет Медиа Скопје, поради сомневање дека таа се користи за трансфери на потенцијално валкани пари од Словенија и од Унгарија. И покрај овие сомнежи, како и покрај официјално поднесеното барање, парите не биле замрзнати – пишува БИРН.
„Лидер“, од изворите на свиркачи од Финансовата полиција, дознава дека на компаниите на Шац не им било соопштено за никаква истрага против нив, ниту пак некој бил повикан на распит. Од таму велат дека компаниите даваат услуги за кои уредно се потпишуваат прецизни договори за кои подоцна се фактурира и уредно се плаќа данок и не разбираат за какви валкани пари би можело да станува збор.

При нашата комуникација од со портпаролскиот тим на Финансиската полиција ние ги прашавме како е можно овие компании да не се информирани за никаква истрага, ниту пак финансиската полиција се појавила таму?

-Ние немаме обврска никого да информираме за истрага, ако нешто не ви е јасно пратете ни мејл – арогантно ни одговори портпаролот на Финансиска полиција кој 10 дена подоцна ни нема дадено никаков одговор на меилот кој му го испративме веднаш по разговорот.
Останува чудно како информации за наводна истрага може да се дадат на медиум, а оние над кои се води наводната истрага да немаат никакви информации за истото.
Дека се работи за комплот од лажни вести покажува и следниот дел од текстот на БИРН каде пишува:

-Тие немаат вработени, нивното финансирање доаѓа од извори со сомнително потекло, односно има сомнежи за криминал и за злоупотреба на службената должност и овластувања. Парите што се префрлаат во Република Северна Македонија од овие странски правни лица се уплатуваат тука за да се прикрие дали потекнуваат од можен криминал, преку фактури за сомнителни маркетиншки услуги.
Ја замоливме Финансиската полиција да ни објасни какви се тие „извори со сомнително потекло“, каков е тој „криминал“ и каква е таа „злоупотреба на службена должност“?. Но, до сега, како и за другите прашања и за ова нема никаков одговор.

Многу е страшно кога една институција на држава аспирант за членство во ЕУ дава вакви квалификации без притоа да ги поткрепи со факти, ако се знае дека клиентите на овие компании се етаблирани европски фирми а испорачаните фактури се за услуги кои навистина се случиле.

Ваквиот однос покажува дека без да докажат, Финансовата полиција и провладините медиуми може секого да наречат „криминалец“ кој се занимава со „валкани пари“ без притоа да го докажат или процесуираат истото. Ова, нормално е во служба на владејачкиот режим во Македонија кој се соочува со бројни забелешки од страна на Европската Унија во однос на слободата на медиумите.

Практично, излегува дека секој оној кој е критички настроен кон владата на премиерот Зоран Заев, јавно се шиканира како примател на сомнителни пари, што е во служба на владината пропаганда.

Систематски притисок над сите критички медиуми
Компанијата ЦХС Инвест Груп, која се споменува во овој текст на провладиниот БИРН, е една од неколкуте компании кои поседуваат свои удели во Телевизија Алфа.
Симптоматично е што наративот на текстот, но и на изјавата на Финансовата полиција е ист како и на серијата на прес-конференции кои владејачката СДСМ ги имаше минатата година.

Термините „валкани пари“, „црни пари“, „сомнителни трансакции“ први почнаа да ги користат токму од владејачката партија, а сега државните иснтитуции го преземаат истиот наратив.

Ова говори за класично мешање на партијата и државата и партизација на институциите кои наместо државна агенда, водат партиска агенда полна со лажни вести и говор на омраза кон медиумите кои се критички кон власта.

Ваквите напади кон медиумите доаѓаат точно во периодот кога владата на Зоран Заев не успева да обезбеди почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

Во изминатите години, слободата на медиумите е токму една од главните критички точки на ЕУ кон Македонија, што значи дека унијата јасно забележува дека овој значаен демократски сектор трпи сериозни притисоци од актуелната Влада.

Извор: Лидер.ком.мк

Најнови вести