Четириесет нарушувања во врска со остварувањето на правото на глас на референдумот се регистрирани во текот на организирањето и спроведувањето на референдумот, информира денеска јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, презентирајќи го извештајот за текот и спроведувањето на референдумот.
На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје, еден предмет е оформен во текот на кампањата, а останатите се на ден на референдумското изјаснување.
Станува збор за предмет оформен со спојувањето на три кривични пријави поднесени од две политички партии и едно граѓанско здружение, а се однесува на ист настан за наводно изречен јавен повик за поткуп при избори и гласање и повреда на слобода на определување на избирачите.
– Се однесува за кривична пријава од политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Глас за Македонија и Граѓанското здружение Светски македонски конгрес за настан во тек на кампањата за говор од премиерот. Кривичната пријава е поднесена до Скопското обвинителство од каде е препратена до ОЈО во Куманово. Предметот е оформен, распределен е кај надлежен јавен обвинител и натаму се постапува на проверка на наводите содржани во кривичната пријава, појасни Барјами.
Според него, на денот на гласањето не се регистрирани нерегуларности на подрачјата на Основните јавни обвинителства Куманово, Крива Паланка, Велес, Кавадарци и Гевгелија.
Во Скопје, додаде тој, се регистрирани 29 настани за кои било известено Јавното обвинителство.
– Најголем дел од пријавите се однесуваат на незначајни инциденти од кои 27 се разјаснети уште во текот на истиот ден, истакна Бајрами.
Тој додаде дека индиции за кривично дело се утврдуваат за настан во Аеродром каде лице дошло во двор на училиште каде се гласа, почнало да вика и да ги омаловажува присутните. По реакцијата на тројца полициски службеници лицето се туркало и удирало и против него ќе биде поднесена кривична пријава за напад на службено лице во врска со извршување службени работи од областа на безбедност.
Јавниот обвинител информира и дека се констатирани и нарушувања на јавниот ред и мир, обиди да се фотографираат гласачки ливчиња, но и пријави за неовластено снимање лица, при што било констатирано дека се работи за новинарски екипи кои не биле видливо обележани.
Бајрами, одговарајќи на новинарски прашања рече доколку има индиции за сторени кривични дела во Сарај или било кои други места ќе има кривични пријави.
Тој рече дека засега иако најавија од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се уште не се поднесени кривични пријави за нерегуларности во текот на денот на спроведувањето на референдумот. Штом ќе ги добиеме, рече Бајрами, Обвинителството ќе постапува. (МИА)