Заздравувањето на комерцијалниот авиосообраќај во Европа оди бавно. По првичниот пад од над 90 проценти во април и мај годинава, регистрирано е делумно заздравување за време на летните месеци јули и август – пад од 64 и 53 проценти, но потоа повторно се бележи зголемен пад во септември и октомври од 59 и 62 проценти, покажуваат податоците на Евростат.
Истата крива во падот на бројот на летови ја има и аеродромот во Скопје. По падот од 40 проценти во март и 94 и 93 проценти во април и мај, има благо закрепнување во јули и август со пад од 55,9 и 58,7 проценти споредено со истиот период минатата година. Но, затоа во септември и октомври повторно се враќа на пад од 62,5 и 59,3 проценти.
Во број на летови, тоа значи пад од 1.273 полетувања во март 2019 на 754 во 2020 година, потоа од над 1.500 летови во април, мај и јуни 2019 на помалку од 100 лета во истите месеци годинава. Во август 2019 од скопскиот аеродром имало 1.945 лета, за во август 2020 тој број да падне на 803, потоа од 1.764 во септември 2019, на 661 лет во септември 2020 година.
Охридскиот аеродром, пак, има 100 процентен пад во април, мај и јуни, за потоа во јули, август и септември тоа да се намали на 79,2 и 80 проценти и повторно во октомври да се зголеми на 93,9 проценти, споредено со истиот период минатата година.
Прв на удар од рестриктивните мерки за справување со пандемијата на КОВИД-19, преземени низ Европа уште од почетокот на 2020 година, беше комерцијалниот авиотранспорт, регистрирајќи остар пад на бројот на комерцијални летови – патен, товарен и поштенски во рамки на цела ЕУ.
Меѓу јануари и октомври годинава голем број аеродроми во Европа имаа драстичен пад на бројот на комерцијални летови, споредно со истиот период минатата година.
Најголем пад на бројот на комерцијални летови има аеродромот во Франкфурт/Мајна со пад од 251.900 комерцијални летови или за 58 проценти, потоа Париз/Шарл де Гол со пад од 232.900 лета или 55 проценти, Амстердам/Шипхол со пад од 225.700 лета или 53 проценти, Минхен со пад од 218.300 лета или 63 проценти и Мадрид/Барахас со пад 212.800 лета или 60 проценти.
Остар пад на бројот на летови има и во останатите аеродроми во ЕУ како што е Барселона/Ел прат (-182 500 лета или 63 проценти), Рим/Фиумичино (-172 400 лета или 65 проценти), Виена/Швеха (-138 600 лета или 60 проценти), Копенхаген/Каструп (-134 900 лета или 61 процент) и Палма де Мајорка (-129 200 лета или 66 проценти).
Аеродромите од земјите во регионот, исто така, бележат пад на бројот на комерцијални летови. Во март годинава најголем пад имаат аеродромите во Албанија и Црна Гора од 51 и 50 проценти, потоа Србија – 41,2 проценти, Северна Македонија – 40 проценти, Хрватска – 36 и Бугарија – 30 проценти.
По падот од 83 до 95 проценти во бројот на летови во април, мај и јуни во сите земји од регионот, потоа во август најмал пад има Албанија – 40 проценти, потоа Грција – 58,7 проценти, па Србија – 59,6 проценти, Северна Македонија – 60,4 проценти, Хрватска – 61,2 проценти, Бугарија – 61,1 процент и Црна Гора – 72,1 процент.
Во октомври најголем пад во бројот на летови во регионот имаат Хрватска и нашата земја со 70 и 63,2 проценти, потоа следат Црна Гора со 59,1 процент, Србија – 50,2 проценти, Грција – 47 проценти, па Бугарија и Албанија со по 43 проценти пад, споредено со истиот период минатата година.