На охридските бродови кои возат за Свети Наум секој ден, не се почитуваат протоколите за заштита од коронавирусот. Иако не е дозволен влез на бродовите без маска, и пред да започне турата на секој посетител му се става средство за дезинфекција на рацете, дел од луѓето многу брзо по тргнувањето на бродот ги вадат маските, пишува Женскимагазин.мк
Најголем проблем е дистанцата која не е соодветна. Пред да ги продадат билетите, менаџерите на бродовите велат дека продаваат половина од капацитетот. Но, столчињата се наместени едно до друго, без никаква дистанца помеѓу, исто како и минатите години.
Кога некој од патниците ќе ја извади маската, никој од персоналот не го опоменува. Бродовите застануваат на половина час пауза на Заливот на коските, каде што исто така се создава метеж пред билетарата на музејот на вода. За разлика од лани и преклани, билетот до Свети Наум и назад до охридското пристаниште од 600 денари по лице е намален на 400.
И овој викенд, Охрид е полн со туристи. На шеталиштето покрај кејот и низ чаршијата едвај има место за разминување.