петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Билет во еден правец – зошто има иселување од Македонија? Проф. д-р Јовевски со искрени одговори: Сè уште се соочуваме со корупција, недоверба во судскиот систем и нетраспарентност

Билет во еден правец – зошто има иселување од Македонија? Проф. д-р Јовевски со искрени одговори: Сè уште се соочуваме со корупција, недоверба во судскиот систем и нетраспарентност

Еден од најголемите проблеми во земјава со години несомнено е иселувањето на народот. Младите во земјава се во апатија и разочарани, нивното масовно иселување па и на луѓе постари и од секоја возраст е несопирлив процес на кој и не му се гледа крајот. Македонскиот граѓанин се повеќе е незадоволен од своето место во државата.

Од 2017-та до денес нагло пораснал бројот на лица со македонски пасош што добиле дозвола за престој во земјите на ЕУ и на ЕЕА. Овие бројки веројатно се многу поголеми, зaтоа што во нив не се содржани лицата од Македонија со бугарски и други пасоши, како ни тие што илегално престојуваат во земјите на ЕУ и ЕЕА.

Имаме висок степен на младинско незадоволство во врска со тоа како државните власти се грижат за оваа категорија на луѓе и имаме огромна дискрапанца меѓу кои можности и потреби ги имаат младите на локално и на централно ниво.

Билет во еден правец – изрека која стана се почесто употребувана помеѓу македонските граѓани во Република Македонија. Полни авиони за Хрватска, Германија, Малта, Швајцарија, и Белгија. Се прашуваме зошто? Ниски примања? Непотизмот во вработувањата? Можност за напредок во кариерата?

За оваа тема разговаравме со Лазар Јовевски, професор по трудово право на Правниот факултет Јустинијан Први при УКИМ во Скопје.

Прашан за тоа кои се причините за масовното иселување од Македонија и како овој тренд во иднина би можел да се спречи, професорот Јовевски отворено проговори дека бројот на млади кои се имаат отселено е многу поголем од бројот во податоците од последниот попис, бидејќи како што вели тој не ја прикажуваат реалната слика.

-Стојам на ставот дека отселувањето не се случува само поради подобар живот. Проблемот е системски и се случува децениски поради разочараност од системските нефункционалности, односно поради невладеење на правото, сигурноста во општеството, како и во културните промени. Од друга страна пак, младите се најголемата група невработени во земјата, дискриминирани се и при вработување и при напредувањето во работата. Сетам дека е потребно да инвестираме во младите и тоа во повеќе аспекти, со цел да се овозможи вклучување на младите на пазарот на трудот и во образованието, како и политики на задржување на младите.

Професорот посочи дека образованието е темелот на кој се изградуваат генерациите, затоа неопходно е да се почне од него, за да се променат суштински состојбите.

-Конечно, треба да го промениме и пристапот кон многу нешта, вклучително и кон себеси, односно свесно да го корегираме менталитетот и досегашниот начин на размислување, констатира тој.

Факт е дека покрај младите, голем број и на возрасни лица од различен профил на занимање се поинтезивно си заминуваат од Македонија. Тоа допридонесува до создавање на една состојба, поточно доаѓа до длабок дефицит од работници. Го прашавме проф. Д-р Лазар како тој гледате на овој проблем, дали можеби знае каков тип на работници најмногу недостасуваат во Македонија и што предвидува ваквата ситуација за иднината на нашата земја?

– Апсолутно заминуваат од земјава луѓе од разни генерации, но пак ќе повторам дека причината ја гледам во општата атмосфера на несигурност и нестабилност на земјата, односно невладеење на правото. Постои општо незадоволство поради нефункционирање на целокупниот систем. Сè уште се соочуваме со корупција, недоверба во судскиот систем, нетранспарентност, бариери не само за влез на пазарот на труд туку и во многу други сфери, реторика која не дава позитивна перспектива, креирање очекувања дека „нè чека уште потешко време“, и притоа не гледаме дека некој се грижи да се подобрат состојбите. Луѓето не се иселуваат зашто во странство очекуваат „мед и млеко“, туку мислам дека поголема причина е тешкотијата на живеењето која е создадена изминативе години.

Во врска со тоа каков тип на работници се иселува најмногу тој рече се работи за секаков тип работиници- и со високо образование, квалификуван кадар, и физички работници, смета дека овде нема конкретен тренд.

– Едноставно, ми се чини како да секој само гледа да „избега“ од сето ова, што е навистина тажно. Познавам луѓе кои во странство работат и неугледни работи, но се позадоволни отколку да работат овд па макар и на подобра позиција, посочи Јовевски.

На крај како професор по Трудово право кој е засегнат за оваа тема прашан за негово мислењето каде го гледа решението за излез од ваквата криза, тој категорично истакна:

– Системски, коренити промени. Преосмислување на политиките, таргетирање, стратешко планирање со визија најмалку 10 години пред нас. Краткорочни мерки нема да дадат резултати на подолг рок. Ние практично имаме куќа која е нефункционална и треба да се обнови од темел до кров, ситни поправки како „боење ѕидови“ не го решаваат проблемот. Но најбитно од се е промена на начинот како размислуваме и како делуваме. Тоа е глевен предизвик денес пред македонското општество!

М.А.

Најнови вести