Мачна беше денеска сликата пред Монополот на „Сокотаб“ во Битола, како во долга колона, битолските тутунари чекаат да го предадат тутунот. Тие тука со денови мрзнеа и со сламка надеж од ветеното дека до среда ќе има откуп на вишоците, а денеска ги стаса лошиот абер дека нема повеќе откуп. Барем утрово, никој официјално не ги удостои со информација, а тие очајни и истоштени, веќе немаа сила ниту да протестираат дури и многу мина побегнаа од камерата, небаре ќе им се случи нешто уште полошо од пропадната едногодишна мака.
–Нема ништо, ни претставник ни откуп, а ни кажуваа дека до среда се завршува– рече еден пелагониски тутунар.- Две ноќи спиевме тука, гледате колкава колона е. Ова што се работи, стварно е грев за народот- рече друг тутунар.- Еве прекинаа и никој не дојде да каже, рече неговиот сосед.- Ова не е ништо, тешко нас ќе биде оти ќе нема леб да јадиме, а од тоа се живее- рече другиот.- Кога ќе дојде за гласање ќе не бараат, ама тогаш ќе маваме– рече огорчена тутунарка- Ќе го фрлам река, рече тутунар од Битолско поле.
Дали можеби ќе се случи некој престврт по сугестија на политиката или пак овие тутунари ќе бидат пренасочени кон некој друг тобако- откупувач е сосема неизвесно. Но, факт е дека, од вишоците досега откупени се 3. 300 тони по мизерна цена од 60- 80 денари за килограм, што сигурно е дека претходно постигнатиот просечен откуп од 163 денари по килограм на ланската реколта со 23.000 тони, ќе биде многу помал. Сите овие факти и иницијативите на ресорното министерство за договарање на само 21. 000 тони тутун за годинашната реколта, наведува на размисла за узвозот на тутун и големите интереси на тобако играчите, на сметка на домашното производство и армијата тутунари. -Голем промет, а мала заработувачка. Отприлика, тоа е оценката што може да се каже во врска со окупот на вишоците на тутун, кога за едно евро по килограм, сиромаштијата ќе се изгенерира уште повеќе. Но, каде е играта во тобако бизнисот? Барем засега, никој сериозно не се прашува колку тутун е увезен и колку тие големи играчи ќе заработат, особено што идната реколта ќе биде помала за 4. 000 тони тутун.