Коридорот 8 од наша страна, односно експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, третата лента кон Деве Баир и целосната рехабилитација на постоечкиот пат треба да ги завршиме кон средината на 2023 година со што ќе имаме комплетно нов Коридор 8, од Скопје до границата со Бугарија. Тоа ќе биде инвестиција од 100 милиони евра, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во вестите на Канал 5.
– Една од слабостите е тоа што досега работните групи многу често се формирале, но после првичните состаноци, изостанувале состаноците и средбите. Сега целта е да имаме многу поактивни, брзи и ефикасни средби. Ова го говорам од аспект дека најмалку четири пати годишно ќе имаат средби. Овие работни групи коишто ќе разговараат на најразлични теми, по потреба ќе се среќаваат и почесто со ротација и во Бугарија, но и во Македонија така што од тој аспект сакам да кажам дека уште кон средината на овој месец ќе биде првата средба на тие работни групи кои што технички ќе влезат во разработка на сите проекти и постапки и ќе ги олесниме процедурите за да отпочне, но и да се заврши сè она кое што сме го замислиле – појасни Бочварски.
Тој најави дека новиот начин на соработка ќе ја забрза и динамиката на железницата кон Бугарија, како и дека наскоро ќе се воспостави авиолинија со Софија.
– На средбата на двете работни групи ќе ги отвориме и прашањата за авиолинијата, за процедурите што треба да се завршат и секако за економската исплатливост и вклучувањето на одредени авиопревозници. Тоа е поголема постапка, но сакаме брзо да ја решиме и што е можно поскоро да се отвори оваа авиолинија – истакна министерот Бочварски.