Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерката за животна средина Каја Шукова, директорот на ЈП за одржување регионални и магистрални патишта Костадин Ацевски и деканот на Градежен факултет, проф. д-р Горан Марковски, извршија увид на штетите предизвикани од силното невреме што го зафати Делчево.
При посетата на Општина Делчево се сретнаа со пратеничката Соња Михаилова и градоначалникот Горан Трајковски кој детално информираше околу настанатите штети и потенцираше дека потребна е силна поддршка од централната власт и поширока акција за овие штети да бидат санирани што е можно поскоро, а животот на граѓаните во Делчево и Делчевско да се врати во нормала.
Министерот Бочварски истакна дека Владата застанува целосно во поддршка на Општината.
-Граѓаните да бидат уверени, заеднички ќе ги надминеме овие тешки моменти. Институциите се ангажирани, заедно со општината и градоначалникот Трајковски ги утврдуваме сите настанати штети, особено во делот на инфраструктурата. Најважно е неопходната инфраструктура да ја вратиме во една нормална состојба, екипи на ЈП за одржување магистрални и регионални патишта веќе работат на најоштетените пристапни патишта до градот и уверувам дека се што е наша моќ ќе сториме за да го вратиме нормалното живеење во општината. Владата застанува комплетно во поддршка на Општината на градоначалникот и сите штети кои се настанати ќе ги решиме и финансиски и технички, истакна Бочварски.
Општина Делчево в понеделник ќе испрати комплетен извештај за настанатите штети до Владата по што на наредната седница на Владата се очекува финансиска и техничка поддршка за санација на штетите.
Во меѓувреме, ЈП за одржување магистрални и регионални патишта работи на санација на пропустот на магистралниот пат А3, а најавено е и ставање во функција на алтернативни патиша за Делчево.