вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Богоев доби нова функција во СДСМ – директор на Центарот за истражување

Богоев доби нова функција во СДСМ – директор на Центарот за истражување

По вечерашната седница на ЦО, од СДСМ велат дека „останувањето во партијата на потпретседателот Богоев ќе придонесе кон јакнење на капацитетите на СДСМ“.

Доскорешниот градоначалник на Карпош Стефан Богоев е именуван за директор на Центарот за истражување и анализа на СДСМ, на вечерашната онлајн седница на Централниот одбор на партијата.

Кон крајот на минатата година, Богоев беше избран за потпретседател на СДСМ, кога се избираше новото партиско раководство по смената на лидерската позиција. Пред локалните избори, пак, кога тој се откажа од нова кандидатура за градоначалник на Карпош, од тогашното партиско раководство соопштија дека Богоев ќе добие владина функција.

По вечерашната седница на ЦО, од СДСМ велат дека „останувањето во партијата на потпретседателот Богоев (кој во изминатите години извршуваше повеќе јавни функции), со својот потенцијал, искуство и знаење, ќе придонесе кон јакнење на капацитетите на СДСМ, подобрување на ефикасноста, начинот на работа и во градење нов систем и пристап на реализирање политики“.

Централниот одбор, исто така, донесе одлука со која започнува постапката за избор на претседатели и членови на секретаријати на 19 партиски комисии, стручни работни тела на СДСМ, кои, како што се посочува, имаат важна улога во креирањето и евалуацијата на мерки и политики на партијата. Со изборот на нови претседатели и членови на секретаријати, велат од партијата, се заокржува процесот за комплетирање на партиските тела согласно новиот концепт на работа.

На седницата на ЦО, партискиот претседател Димитар Ковачевски посочил дека Владата работи на дополнително зголемување на пензиите за 320 000 пензионери, односно финансиски пакет за оваа година, како поддршка во енергетска и здравствена криза.

Најнови вести