Авторот на филмот „Ругање на Христа“, Јани Бојаџи, кој деновиве беше на удар на говор на омраза која го загрозила неговиот живот, а предизвикан од цензурата на неговиот филм од страна на власта. Тој вчера во емисијата „Отворено“ на Алфа тв вели дека во овој случај власта е порадикална од најлошите режими. Според него власта се фали со забранување на уметнички дела што е „Убер фашизам“.
– Како министер за култура признава дека не го гледал уметничко дело, а зазема став за исто? Мене тоа не ми влегува во глава, како да го каректеризирам сега ова, а е многу сериозно. Ова е толку опасно што не знам кај ќе стаса, вели Бојаџи.
Тој вели дека премиерот и министерот за култура издале лиценца за негово убивање со тоа што дале вакви изјави за неговото дело. Бојаџи смета дека Заев и Адеми се одговорни за неговиот живот и животот на неговото семејство.
– Истиот говор на омраза го предизвика и претседателот на влада Зоран Заев кој исто така го слушав дека кажа дека не го гледал делото. А, и тој повика на омраза кон делото и кон авторот, односно кон мене, објаснува Бојаџи.
Бојаџи додава дека, ако министер за култура се јавува со соопштение, и тоа во недела, тоа говори само за едно, или е вонредна состојба или прашува – во војна ли сме?
-Во соопштението министерот наведува дека ќе донесе закон со кој ќе се контролираат идеите со кои ќе се занимаваат уметниците во иднина. Тоа значи дека министерот ќе донесе список со теми и идеи со кои ќе можат да се бават уметниците во оваа земја, зачудено констатира Бојаџи.
Според него ова соопштение е „од министерството за култура во земја која претендира да биде членка на Европската унија.
Бојаџи праша и како е можно во државава каде им е полна устата со Европа и со човекови слободи и права, министерот за култура и претседателот на влада јавно говорат дека цензурираат уметничко дело.
-Дополнително на ова нема никакви реперкусии по нив. Ним не им фали влакно од главата, констатира тој.