Железничкиот сообраќај во државава и натаму е во прекин. Машинскиот и извршниот персонал во Железници на РСМ Транспорд АД Скопје продолжуваат со бојкотот се до исполнување на барањата за исплата на материјалните трошоци, како и на првиот дел од платата за февруари, информира за МИА Тони Димовски, претставник на машинскиот и извршниот персонал и претседател на Синдикатот на машиновозачи на Македонија.
Патничките и товарните возови не сообраќаат од вчера попладне откако машинскиот и извршниот персонал повтортно го активираа бојкотот од минатата недела.
Раководството на ЖРСМ Транспорт АД Скопје оцени дека станува збор за незаконски штрајк, што не бил најавен писмено.
– Незаконскиот прекин на работа, односно штрајк, не е организиран согласно Законот за работни односи и Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје и не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машиновозачите, оценија од ЖРСМ Транспорт.