Сојузот на средношколци попладнево соопшти дека од 6 до 12 февруари привремено ќе го прекине бојкотот на наставата.
– По нашите средби со пратениците во Собранието, Сојузот на средношколци е сигурен дека ја ужива поддршката на повеќе од 70 пратеници во законодавниот дом. Во тој поглед, Генералното собрание на Сојузот одлучи привремено да прекине со бојкотирањето на наставата – од 6 до 12 февруари 2021 година – ова значи дека во петок (5 февруари) ќе се бојкотира, стои во соопштението.
Од Сојузот на средношколци појаснуваат дека нивниот бојкот е последица на немањето слух за нивните проблеми, укажувања, аргументи и конкретни предлози.
– Истото нема за цел губење на настава и учење, туку изменување на годинашната државна матура. Ни требаат и квалитетна настава и изменета дражавна матура и натамошен образовен и професионален развој. Поради ова, Сојузот им остава можност и време на институциите да ги прифатат и спроведат нашите барања, велат од Сојузот на средношколци.
Средношколците ја бојкотираа наставата барајќи да се скрати бројот на предмети за полагање на државна матура од четири, на два.
Министерката за образование и наука Мила Царовска во интервју за МИА порача дека нема друга опција освен да ја спроведе државната матура, за која вели дека сите ученици што сакаат да полагаат, ги пријавиле предметите во рок и нема право да им го ускрати тоа право. Таа порачува дека сега сите рокови се одминати за да се прави нов концепт за матура, што е во план да се подготвува за наредната година. (МИА)