Бојан Јовановски- Боки 13 денес во пладневните часови е однесен во затворот Идризово. Тој е сместен во приемното одделение во делот за изолација од Ковид-19, каде би требало да остане десетина дена.
Потоа ќе следуваат останатите процедури вообичаени при прием на новодојдени осуденици за одредување на третман и сместување во установата.
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Рекет“, донесе одлука со која жалбите на обвинетиот Бојан Јовановски од Скопје, обвинетата Катица Јанева од Скопје и на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди, соопштија вчера од Судот.
Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева беа прогласени за виновни во случајот „Рекет“ во јуни лани. Јовановски доби затвор од 9 години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева 7 години за злоупотреба на службената положба и овластување.
Покрај затворските казни, во пресудата има одлука и за конфискација на запленетите работи од Јовановски, меѓу кои имаше 70-тина вреќи брендирана облека, уметнички слики, мебел.