Бојан Јовановски-Боки 13 бара разрешување на судијката Софче Гаврилова-Ефремова, која му суди во предметот за работењето на „Меѓународен сојуз“, пренесе „А1он“.
Тој во дописот ги прашува членовите на Судскиот совет дали е дозволено судијка да му се обраќа со зборовите: „Нека ти обезбеди семејството лаптоп, поради тоа што те гледам дотеран. Како што ти испраќаат гардероба, така нека ти купат лаптоп“, додавајќи дека на секое рочиште му се обраќа на висок и хистеричен тон. Во останатиот дел од барањето на Јовановски, кое во целост го пренесе „А1он“, стои и дека тој веќе знае дека ќе биде осуден на највисока казна, посочувајќи дека има спрега помеѓу судијата, претседателот на судот, јавниот обвинител и политичките чинители на власта.
„Таа спрега ја доведува во прашање целата постапка, односно употребата на правото и утврдување на фактичката состојба без надворешни влијанија и притисоци. Судијата Софче Гаврилова-Ефремова треба да ги реализира и исполни сите овие жалби низ постапката која ја води, не водејќи сметка на моите права“, стои во барањето за разрешување од функцијата.
Јовановски обвинува за пристрасност на судијката и бидејќи не му било дозволено да изведе докази, да сослуша сведоци за да докаже дека е невин.