сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Божиновски: Образованието не е затворена кутија со врховна власт на министерот за укинување предмети

Божиновски: Образованието не е затворена кутија со врховна власт на министерот за укинување предмети

Колумна на Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература: 

Образованието постои поради учениците и потребата на општеството. Квалитетот на еден образовен систем не може да го надмине квалитетот на наставниците. Затоа треба континуирано подобрување на квалитетот на наставниците во образованието преку ставање акцент на соработка, креативност, критичко размислување и комуникација, вештини кои вклучуваат размислување за потребата идните наставници да се препознаат себе си како активни и автентични. Многу внимание треба да им се посветува и на наставните предмети за учениците да можат постепено да преминат во погорните нивоа на образование. Познавањата коишто треба да ги стекнат учениците се различни. Мајчиниот јазик, странските јазици, математиката како и општествените и природните науки стануваат сè повеќе важни. Училиштето мора да ги запознава учениците со значајните норми и вредности и треба да биде премногу внимателно кога станува збор за интегриран курикулум. Погрешно е да се очекува да се направи еден универзален модел на образование приспособен на сите општества и сите средини. Со насилно изедначување на образовниот модел се губи креативната широчина и длабочина. Исто така голема навреда е да се каже дека учениците не знаат да поврзат предмети.

Треба да се прави разлика меѓу интердисциплинарност (употреба на методологии и јазик на повеќе од една дисциплина за да се спроведе истражување) и интеграција (единството меѓу формите на знаење околу проблемите). Дури и ставање на еден наставник одговорен за три-четири предмети во еден не гарантира дека ќе се направат врски меѓу нив. Треба да се дадат примери кои ги убедуваат, мотивираат и насочуваат наставниците да воведат и дизајнираат интердисциплинарни активности за нивните ученици. Наставната програма во образовниот систем не треба да е поделена на неповрзани предмети и да биде пречка кога станува збор за промовирање интердисциплинарен фокус во училиштата. Од суштинско значење е тоа што мора да постои силна и ефективна соработка меѓу универзитетите и училиштата за соодветни планови, програми, нормативи и квалификации.

Според тоа новата таканаречена Концепција за основно образование не само што не е модел кој е врз основа на образовните модели што функционираат во повеќе земји, меѓу кои Словенија, Естонија и Финска, туку нема никаква допирна точка со нив. Во сите три земји не може да се сретнат неприродни: интеграција, интердисциплинарност и мултидисциплинарност на повеќе предмети. Не може да веруваме од досегашното искуство ниту дека се подготвени учебници, наставни материјали, прирачници, дидактички препораки за сите нови предвидени предмети. Во ниту еден образовен модел не се интегрирани предметите Билогија, Физика, Хемија и Географија во еден наставен предмет, т.н. Природни науки со само 5 наставни часа. Интеграцијата на Историја, Географија и Граѓанско образование во предмет Општествени науки е апсурд. Музичка и Ликовна уметност сега се сведуваат од предмети на модули и тоа само во едно полугодие. Нелогично е наставните програми да ги сведуваат засебните предмети како модули.

Симптоматично е тоа што вториот странски јазик се става како друг јазик во изборни предмети и покрај сите препораки на Заедничката европска референтна рамка за јазиците за изучување на минимум два странски јазици. Кога сме кај јазиците на Албанскиот јазик не му е местото во таа група на странски јазици. Навистина ќе треба да објаснат што се случува со збирот на фондот на часови кој е намален и тоа за вкупно 12 часа иако вкупниот број предмети не е многу променет.

Само 22% од вкупниот број наставници во основно образование го изразиле своето мислење за потреба од реформирање на образованието што не е никаков мерлив и реален податок. Згора на тоа од нив 82% се согласни околу тоа дека основното образование во Македонија не е доволно добро и дека е неопходно да се реформира за да се подобри. Значи од сите наставници во основно образование анализата се темели само врз основа на 18%. Кога покриеноста на онлајн наставата е над 90% тогаш не гледам вистинска причина зошто податоците за апсурдната концепција се обратнопропорционални и не го даваат исиот тој „успешен“ процент од онлајн наставата.

Образованието не е затворена кутија со врховна власт на министерот за укинување предмети. Реформа во образованието е потребна, но ваквата идеја е апсурд. . Неприфатливо е бришење на предмети од наставната програма, а особено не на Историјата. Маската ќе ви падне затоа што самите ќе се разоткриете со наставните теми за Македонија коишто се обработуваат по предметот Историја.

Народ без минато нема своја иднина. Генерацијата која ја игнорира историјата нема минато и нема иднина. Во време кога македонскиот јазик, македонската историја, македонскиот идентитет се оспорувани апсурдно е историјата како хуманистичка наука да се интегрира со науки од различен вид. Во духот на целите на Историјата да надвладее разумот, да ги негуваме свеста за македонскиот национален идентитет и чувството за припадност кон Македонија.

Најнови вести