Зоран Заев и картелот околу него тонат во криминал, а народот кој едвај преживува веќе не сака да ги види, ова денеска го истакна Игор Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Колку повеќе Заев го губи тлото под нозете, толку повеќе расне притисокот врз институциите и нивната злоупотреба од страна на власта за политички притисок со кој што би сакале да ја замолкнат опозицијата. Господа од власта, прочитани сте. Теророт, политичкиот прогон и изживувањето нема да Ви бидат заборавени. Секоја злоупотреба ќе биде преиспитана. И таа на нарачателите и таа сценаристите и таа на извршителите. Апсењето и притворањето на Димитар Димовски и Дејан Митевски е акт на страв на СДСМ во очи на се помалата поддршка која ја имаат кај граѓаните. Јавното обвинителство на Зоран Заев и судството вчера не постапија по основа на закон, туку политички и по наредба. На аболицираниот Заев му требаше театар за да го сврти вниманието од корупцијата и неработењето на кои посочија и негови соработници кои решија да се повлечат од криминалното владеење и колку толку да го сочуваат својот образот, вели Божиновски.
Тој додава доколку имаше каков било криминал за кој требало да одговараат, Димовски, Митевски и другите кои вчера во раните утрински часови по политичка нарачка беа собрани од своите домови, криминалната власт на Заев немаше да чека да поминат дури 3 години за да покрене случај.
-Доколку имаше какви било административни пропусти ќе имаше поднесоци до Управниот суд и ќе следуваше соодветна одлука. Вистината е дека ниту е направен криминал, ниту некој прибавил противправна имотна корист. Вистината е дека не постои никаква основа за кривичен прогон, а уште помалку за одредување на притвор. Ниту постои опасност од повторување на делото, ниту постои опасност од бегство, ниту пак постои можност за влијание врз сведоци. Зарем има подобар доказ од фактот што Димовски сам ја вратил сопствената времена патна исправа, а Јанакиески веќе се наоѓаше во куќен притвор? Јасно е како бел ден дека притворот беше политички определен за да се задоволи барањето на политичкото обвинителство кое секојдневно покажува дека е тука за да замижува и да ги заштитува криминалите на Заев, задоволувајќи ги притоа неговите нарачки. Затоа ВМРО ДПМНЕ апелира, Апелацискиот суд најсериозно да ги разгледа аргументираните жалби на политичката одлука, да се охрабри, да се ослободи од политичките притисоци и да донесе одлука согласно законот со која што ќе ја отфрли одлуката на првостепениот суд и ќе ја укине мерката притвор или ќе донесе некоја поблага мерка, рече Божиновски.