Ако сме виделе една работа тоа е дека ако се постави некој преседан, тој се повторува. Апсолутно верувам дека може да и се случи и на Србија во однос на Косово, смета премиерката на Србија Ана Брнабиќ во контекст на изјави од некои челници од земји членки на ЕУ дека Белград не може да напредува во евроинтеграцијата без меѓусебно признавање со Косово.
– Решавање на какви било билатерални прашања и со тоа да се условува евопскиот пат на една земја која ги исполнила сите услови да добие статус на кандидат и да почне преговори е преседан, а тоа не би смеело и не би требало да се случи. Дали може да се повтори, апсолутно верувам дека може да се повтори и апсолутно верувам дека ќе го отежне патот на сите нас од Западен Балкан кон ЕУ. Дали тоа и се случува на Србија, да, се случува. Со тоа што во нашата преговарачка позиција се зборува за севкупна нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина, односно Србија и Косово, но Косово со астерикс. Косово во склад со Резолуцијата 1244 на Советот за безбеност на ОН која го гарантира територијалниот интегритет на Србија во нејзините меѓународно признати граници и никаде не се спомнува ниту збор признавање на т.н. Република Косово од страна на Република Србија, за што сега слушаме. Значи тоа не е во склад со официјална преговарачка позиција на ЕУ и со позицијата на ЕУ. Ако треба да ја менуваат нека ја менуваат, но ова е официјална позиција. Би бил преседан и во сред преговори вие да ја менувате преговарачката позиција, вели Брнабиќ на новинарско прашање по учеството на панел во рамки на Преспа форумот за дијалог за тоа дали она што и се случи на Северна Македонија со Бугарија може да и се повтори на Србија со Косово.
Според неа, откако изби војната во Украина Србија се наоѓа во уште потешка позиција поради, како што вели, огромното лицемерие на голем број членки на ЕУ и на некои други земји кои го признаа независно Косово, затоа што додека се залагаат за територијалниот интегритет на Украина, што е, посочува, целосно во согласност со меѓународното право и основните принципи за територијалниот интегритет на меѓународно признаени држави, за што имаат целосна поддршка од Србија, а истовремено тој прв принцип на меѓународното право не важеше за Р Србија, бидејќи го прекршија и во 1999 година и во 2008 година.
Тука е и прашањето кое го покажува степенот на лицемиерие, а тоа е вели таа, како може да прекршите една резолуција на Советот за безбедност на ОН, кои ја прекршија тие кои ја признаа Р Косово а во сите други конфликтни зони во светот секогаш се повикувате на целосно почитување на резолуции на ОН.
-Така што огромна е комплексноиста по ова прашање. Србија е во специфична позиција, затоа што кога тие земји ќе ја погледнат Србија, тие како во огледало го гледаат своето лицемерие и двојни стандарди. Тоа е тогаш тешко, тие тоа не сакаат да го гледаат, да го видат својот срам. Најдобро би било сите ние да се вратиме на позициите на меѓународното право и меѓународниот правен поредок, вели премиерката на Србија Ана Брнабиќ.