Реформата во образованието, односно дигитализацијата на образованиот систем во Македонија покрена лавина коментари и незадоволство од јавноста, особено од родителите и учениците. Но гласот како да не им се слуша, министерката за образование и наука, Мила Царовска упорна ја тера реформата пред да се консултира со родителите и стручната јавност.
Родителите од иницијативата „Учебници и настава мора да има“ на една од нивните прес конференции го изразија своето незадоволство од одговорот на МОН по повод нивните барања за укинување на електронските учебници, по што порачаа дека ќе покренат иницијатива за задолжителен референдум на кој граѓаните ќе можат да се изјаснат за предложените измени во законот за учебници.
Покрај ова Драгана Спасевска која е координатор на оваа иницијатива, порача дека од сабота започнуваат протести во Скопје, како и останатите градови низ земјава.
-Бидејќи МОН немаше слух за нашите барања останува на нас родителите да се бориме за иднината на своите деца. Следен чекор кој ќе го преземеме е организирање на протесни маршови во сите градови ширум земјава. Па така, во сабота во 12 часот започнуваат протестите како во главниот град, така и во сите други“, изјави Драгана Спасевска за медиуми.
За рутата на протесниот марш, Спасевска изјави дека јавноста ќе биде дополнително известена.
-Најавените протести и иницијатива за референдум за образовните реформи се уставно загарантирано право. Но, реформата ќе продолжи со цел во фокусот на образованието да се стават ученикот и неговите потреби затоа што таа не само што не е избрзана туку можеби е и задоцнета, а резултатите од новата образовна концепција треба да ги очекуваме по пет-шест години, изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска, по најавите за протести во следните денови поради промените што треба да се случат во основното образование со почетокот на следната учебна година.
„Ние како МОН имавме средба со групата и им одговоривме на нивните барања, кои главно се однесуваат на тоа да се исклучи родовата еднаквост од образовниот систем. За тоа има закони што се поминати во Собранието и гласани од сите политички партии, што значи дека има консензус за почитување на родовата рамноправност, што е и уставно загарантирано право и треба да биде дел од образовниот систем. Државата има ратификувано и многу конвенции и има обврска да се придржува и да рапортира кон нив. Сметам дека одговорите што ги добија во иницијативата ќе ги разгледаат и ќе расправаат по нив“, рече Царовска.
ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициона партија посочува дека реформите во образованието не може министерката да ги носи без консултација со стручната јавност и не може да го злоупотребува европското знаменце за вакви реформи кои можат да уништат генерации.
-Од почетокот на работата на овој Парламент и парламентарен состав, нешто што е нотирано и од страната на европската делегација е постојаната злоупотреба на европското знаменце. За што служи европското знаменце? Тоа служи за закони кои што треба да се хармонизираат со регулативи, директиви и акти на ЕУ, а во моментот на пример имаме предлог закон за реформа во образовниот систем во кој што не се повикува на европското законодавство, туку се повикува на некои декларации кои што не се законодавство на ЕУ и што е целта, злоупотреба на европска вредност за да се избегне дијалог и за да се избегне дебата. Паралелно зошто? За да се наметне тој образовен радикализам неуспешен на министерката Мила Царовска“, истакна Тимчо Муцунски, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во гостување во емисијата „24 анализа“.
Муцунски додаде дека Мила Царовска е класичен пример за избегнување на дебата.
Истиот министер кој што бараше задолжување од 25 милиони евра за апстрактна реформа и не дојде пред пратениците да каже зошто го бара тоа задолжување, при тоа дрско одговарајќи на мене лично на пратеничко прашање и дека нема да дојде кога ќе се дискутира на пленарната седница, за да сега злоупотребува т.н. европска вредност за да направи социјален немир во нашата држава и да создаде проблеми на идни генерации, рече Муцунски.